Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и со градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, денеска го означија стартот на работите на нова градинка во Прилеп, во населбата „Точила“, како прв ваков објект после 40 години.
Претседателот на Владата Заев во својата изјава за медиумите истакна дека особено важна карактеристика на овој проект е што ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со А+ енергетска класа.
„Иновативноста на проектот оди уште чекор понатаму и предвидува покрив како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. Предностите на зелените покриви се многу на број. Како топлинска изолација овозможуваат и до 20% помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на објектот. Дополнително, на кровната тераса се наоѓа фотоволтаична постројка со капацитет од 20kW за производство на струја која ќе се користи за потребите на самата градинка со што се создаваат услови за значителна финансиска заштеда“, нагласи премиерот Заев.
Заев уште додаде дека објектот е обезбедено и поврзување со системот за гасификација бидејќи Општина Прилеп е меѓу првите општини што ќе добие локална, секундарна мрежа за гас.
„Ова го нагласувам и заради фактот што децата во оваа градинка ќе ги добијат и првите лекции и ќе бидат на тој начин воспитувани за придобивките на зелените политики преку примерот на нивната градинка. Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата но и на локалните самоуправи. Во текот на оваа година ќе бидат довршени уште 13 градинки, а во постапка е изготвување на Програмата за отпочнување на проекти за изградба на нови објекти за згрижување на деца“, потенцираше премиерот Заев во изјавата за медиумите по повод стартот на работите на новата градинка во Прилеп.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска изјави дека навистина радува фактот што после 40 години во Прилеп се гради нова градинка, и дека градењето на нови и проширувањето на другите градинки е еден од приоритетите на Владата и на Министерството за труд и социјална политика.
„Покрај изградбата и проширување на капацитетите, вложуваме и во зајакнувањето на компетенциите на стручниот кадар, кој треба да биде подготвен да одговори на сите предизвици. Денешниот настан е уште еден позитивен пример за одличната соработка меѓу локалната и централната власт“, истакна министерката Шахпаска.
Градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски го потенцираше фактот новата градинка е целосно финансиран од страна на Општината за што се издвоени од 133 милиони денари.
„Со гордост можам да истакнам дека за седум месеци од денеска, колку што е и предвидено да трае изградбата на објектот, Прилеп ќе добие нова, современа и европска детска градинка, една од најубавите во државата“, соопшти градоначалникот Јованоски на настанот по повод стартот на работите на новата градинка во Прилеп.