Министерството за внатрешни работи информираше дека е надминат проблемот со здравственото осигурување на неговите вработени, кој претходно предизвика реакции од Независниот полициски синдикат. Според Министерството, по координација со Фондот за здравствено осигурување повторно е обезбеден статусот на осигуреници за сите вработени.
Од синдикатот претходно предупредија дека поради административен проблем околу 11.000 семејства на полициски службеници се соочиле со прекин на здравственото осигурување, иако придонесите се пресметувале од платите. Случајот, според синдикалните информации, се појавил при повторното пријавување на службеници што претходно биле одјавени.
Фондот за здравствено осигурување објасни дека станува збор за автоматизиран процес во кој се усогласуваат податоците за пријавите и уплатите на придонеси. Формирана е и меѓуинституционална работна група за изнаоѓање трајно решение со цел слични проблеми да не се повторуваат.


