24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Никому не забрануваме, секој граѓанин може слободно да ја изрази етничката припадност на пописот

„Она што е различно овојпат од претходно е дека пописот ќе биде целосно спроведен од експерти, а не од политичари. Пребројувањето на населението ќе ги исполни стандардите на Заводот за статистика на ЕУ – Евростат.“- потврдил министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервјуто за Еурактив.

Според него невистинити се информациите дека Бугарите во Северна Македонија немаат право да се изјаснат на претстојниот попис.

„Кажана е очигледна невистина дека Бугарите нема да можат да се регистрираат на пописот, напротив, сите етнички групи ја имаат истата шанса. На пописот од 2002 година, само околу 1.500 луѓе од два милиони жители се изјасниле како Бугари. Многумина или повеќето од овие луѓе кои зеле бугарско државјанство го сториле тоа од претежно економски причини затоа што тоа им дава шанса да работат во странство, во Европската Унија, без никакви посебни одобренија или лиценци“- објаснил Маричиќ.

Во врска со повиците на политичари Албанци од регионот кои им укажуваат на Албанците во Северна Македонија да се попишат, Маричиќ истакнал дека официјално Скопје не се меша во ниту едно прашање на која било држава, па затоа не гледа причина зошто некој политичар од надвор би зборувал за нашиот попис.