Европската Унија обезбедила над 600.000 вакцини за Западен Балкан, а дел од нив ќе пристигнат во Македонија во април. Ова го соопшти премиерот Зоран Заев, кој телефонски разговарал со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Претседателката ме извести дека ЕУ обезбедува 651.000 дози вакцини за заштита од Ковид-19 како директна помош за граѓаните на земјите од Западен Балкан, а соодветен дел од нив согласно бројот на жители во текот на април ќе пристигнат и во Северна Македонија“, соопшти Заев.
Заеднички било констатирано дека европската соработка и солидарност мора да бидат на прво место во услови на глобална пандемија и загрозено јавно здравје. За време на разговорот била потврдена обостраната силна заложба за забрзана интеграција на регионот кон Унијата, напиша премиерот Заев на социјалните мрежи.