Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, во колумната „Зошто на Скопје како метропола му треба брз автобуски транспорт?“ образложува колку ќе чини проектот за брз автобуски транспорт (Bus Rapid Transport – БРТ) во Скопје или популарно нареченото „автобуско метро“ или „трамвај на тркала“: „Финансирањето на градежни работи, стоки и проектантски услуги за реконструкција на булеварите во градот, автобуските постојки и две депоа и административна зграда за Линија 1 ќе чинат 31.2 милиони евра. Или, споредено со т.н. проект „Скопје 2014“, 5-6 милиони евра помалку од партискиот музеј со восочни фигури (околу 17 милиони евра) и „Панорамското тркало“ (19.75 милиони евра). Набавката на нови нископодни автобуси за Линија 1 кои работат на компримиран природен гас (“CNG”) / хибрид CNG, ќе чини 9.8 милиони евра, еден милион помалку од двете фонтани на плоштад Македонија и „Воинот на коњ“ кои заедно чинат над 10.8 милиони евра. Набавката на системски компоненти во возилата и автобуските постојки и интегрирање на крстосниците во Центарот за управување со сообраќај за Линија 1 ќе чини околу 6.1 милиони евра, или помалку од „Порта Македонија“ која чини над 6.3 милиони евра.“
Според Шилегов, за Линијата 2 од БРТ, финансирањето на градежни работи, стоки и проектантски услуги ќе чини 11.1 милиони евра, или 6.5 милиони евра помалку од фасадата на Владата за која Груевски потроши околу 17.7 милиони евра. Шилегов укажува и дека набавката на нови нископодни автобуси за линија 2 и набавката на системски компоненти во возилата и автобуските постојки ќе чинат околу 11 милиони евра или околу 3 милиони евра помалку од парите што ги потроши град Скопје за пре-фасадирање на предниот дел од постојните згради во центарот на градот, во рамките на проектот „Скопје 2014“.
Севкупно, проектот за воведување на брз, ефикасен, економичен и еколошки транспорт во Скопје ќе чини околу 70 милиони евра за двете линии или речиси 10 пати помалку од т.н. проект „Скопје 2014“ – поентира Шилегов во колумната „Зошто на Скопје како метропола му треба брз автобуски транспорт?“, објавена во денешен „Слободен печат“.