Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ најави тужба против министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Тој во напис на социјалните мрежи објаснува дека од медиумите дознал оти министерката Шекеринска го казнила 6 месеци на плата, а за тоа, како што вели, не добил никакво решение.
Вистината е поинаква, додава Ковачки.
„Ми наместија дисциплинска постапка за која комисијата составена од генерали веќе се произнесе дека нема елементи за казна, но Шекеринска дополнително си формира своја комисија, во која дури има и лица што се помали по чин од мене и, внимавајте: без НИЕДЕН доказ донела решение за да ме казни на плата. Чист аматеризам и своеволие“, пишува Ковачки.
„Сега ќе си добиете по една тужба и тоа што сте го објавиле, ќе мора да го докажете, ама не пред партиска комисија, туку пред суд. А ќе ја повикам и јавноста да го следи процесот. Срамота, Шекеринска, на што се симнавте“, додава во неговиот статус на социјалните мрежи.
Според него, ова е дискриминирачки и очајнички обид на Шекеринска за, како што вели, преку злоупотреба на службената позиција и на целосно незаконски начин да го спречи загарантираното право за јавно изразување и критика на јавните функционери.
„Не може да ме казните за тоа што сум Ви укажал дека сте прекршиле закони“, вели Ковачки.