Финансиски резултати за 4-ти квартал од 2020/ Фискална година 2020
Прилагодената ЕБИТДА ги надмина минатогодишните достигнувања преку оперативни оптимизации и ефикасно водење на трошоците
Минатата година ја обележа пандемијата на КОВИД-19, што доведе до значително намалување на глобалните економски активности, особено во првата половина од годината, поставувајќи многу предизвици во сите сегменти од деловниот свет и со сериозно влијание врз нафтената индустрија. Мерките за ограничување на движењето помеѓу границите наметнати како одговор на ширењето на КОВИД-19, предизвикаа намалување на побарувачката на гориво. Транзитот на туристи, кој претходните години го достигнуваше врвот во текот на летната сезона, целосно замре, додека во исто време авионскиот сектор беше сериозно погоден од значителниот пад на воздушниот сообраќај.
ОКТА успешно се справи со предизвиците со кои се соочи во услови на несигурно пазарно опкружување кое постојано се развиваше, потпирајќи се на позитивните резултати од воспоставената стратегија. При тоа компанијата продолжи да одржува строги здравствени и безбедносни стандарди, во исто време осигурувајќи услугата кон потрошувачите да се одвива непречено. Внимателното управување со финансиите и ефективните мерки за контрола на трошоците во сите деловни сегменти, ѝ овозможија на ОКТА постепено да ги неутрализира ефектите од притисоците врз маржата.
Клучни резултати во четвртиот квартал и во 2020 година:
• Прилагодената ЕБИТДА достигна 125 милиони денари, заостанувајќи зад сумата од 195 милиони денари генерирана во истиот период минатата година, како резултат на позитивниот ефект од еднократните продажби од добиените тендери во износ од 103 милиони денари. Доколку споменатиот ефект се исклучи, прилагодената ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2020 година ќе ја надминеше за 33 милиони денари прилагодената ЕБИТДА постигната во истиот период минатата година.
• На годишно ниво, прилагодената ЕБИТДА достигна 630 милиони денари, значително надминувајќи 554 милиони денари, колку што беа генерирани во текот на 2019 година. Ова беше постигнато како резултат на внимателното управување со залихите што овозможи непрекинато снабдување на потрошувачите, во период на бројни неизвесности, како и добиените тендери за снабдување на Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати во текот на третиот квартал од годината, придружени од позитивниот ефект од континуираната оптимизација на индиректните трошоци.
• Приходите од продажба во 2020 година изнесуваат 15.193 милиони денари, сè уште заостанувајќи зад 27.674 милиони денари остварени истиот период минатата година како последица на намалената побарувачка и падот на меѓународните цени на горивото.
• Бруто маржата за 2020 година следи аналоген тренд и изнесува 788 милион денари што е помалку во однос на 1.162 милиони денари за истиот период минатата година, како негативна последица од големиот пад на меѓународните цени на горивата во првите четири месеци од 2020 година.
• Четвртиот квартал од 2020 година заврши со загуба од 602 милиони денари, како негативно влијание од еднократната резервација во износ од 781.4 милиони денари, спроведена за подолу елаборираниот судски процес со Царинската управа на Република Северна Македонија.
• Добивката пред оданочување, ослободена од гореспоменатата еднократна резервација, изнесува 179 милиони денари, значително надминувајќи ги 115 милиони денари генерирани истиот период минатата година, благодарение на надоместокот за чување на државните резерви во капацитетите на компанијата, подобрената оперативна ефикасност, и нагорниот тренд на меѓународните цени на горивото со кој се постигна позитивен ефект од 58,411 милион денари.
• На годишно ниво, како резултат на негативниот ефект од споменатата еднократна резервација во износ од 781.4 милиони денари за тековниот процесот со Царинската Управа на Република Северна Македонија, компанијата забележа загуба од 553 милиони денари. Од друга страна, добивката пред оданочување, не вклучувајќи го еднократниот негативен ефект од оваа резервација, достигна 228 милиони денари во споредба со 302 милиони денари од истиот период минатата година, како резултат на претходно образложените причини.
ОКТА успеа да одржи доволна ликвидност за да се справи со ризиците предизвикани од КОВИД-19 кризата, што во исто време ѝ овозможи на компанијата да преземе комерцијални активности и да ја поддржи својата стратегија без да искористи какви било кредитни линии.
Во 2019 година, Царинската управа на Република Северна Македонија спроведе контрола во ОКТА, во однос на акцизите за увоз на еуродизел во периодот од 2014 до 2018 година. Според нивното мислење, акцизите за овие увози не биле правилно пресметани, по што издадоа решенија за фискалната 2014 година, со кои се наметна дополнителен износ во висина од 23,4 милиони денари, кој беше платен во 2020 година.
Во текот на 2019 година, компанијата поднесе тужби, поведувајќи управни спорови со барање за целосно поништување на овие решенија заради суштински прекршувања на процедуралните правила од страна на царинските власти и нивни пропусти за целосно и правилно утврдување на фактите за случајот, како и за правилното применување на релевантните закони. Започнувајќи од јули, па сè до декември 2020 година, властите издадоа нови решенија кои се однесуваат на фискалните 2015, 2016 и 2017 година, наметнувајќи дополнителен износ од 289 милиони денари.
На 31 декември, 2020 година, ОКТА направи резервации во висина од 781.4 милиони денари, кои претставуваат најдобра проценка на компанијата за потенцијалните идни одливи на парични средства. Компанијата ја задржува својата позиција дека постапувала во целосна согласност со сите релевантни закони. Исто така согласно добиените експертски мислења има намера да ја оспори ваквата одлука до највисоките судски органи во државата, а доколку е потребно и до меѓународните арбитражни институции.
ОКТА, како една од најголемите компании во земјата, беше меѓу првите кои ја поддржаа државата во напорите да се справи со епидемијата на КОВИД-19, обезбедувајќи значајна помош за здравствениот систем. Во месец декември компанијата донираше 3.000 серолошки тестови за испитување антитела за КОВИД-19 на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Истиот месец, ОКТА стана прва компанија во државата акредитиран од TÜV Austria Hellas, со иновативниот CoVid-Shield сертификат за работните простории и инсталацијата во Миладиновци, како потврда за преземените мерки за заштита на вработените, соработниците и потрошувачите. Компанијата, и во време на криза, ја продолжи традицијата на поддршка на образованието и додели пет стипендии за постдипломски студии на најуспешните студенти на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Во сегментот на обновливи извори на енергија, компанијата го збогати своето портфолио со пуштање во употреба на две нови фотоволтаични централи, од кои едната инсталирана на текстилната фабрика Мода Свети Николе, а втората во кругот на ОКТА.
Раководството на ОКТА внимателно ги следи пазарните предизвици и се стреми да ја води компанијата напред преку проактивно планирање и преку искористување на многубројните можности, со намера за понатамошно унапредувања на деловните резултати и подобрување на ефикасноста.