Позитивен раст на светската економија забележува Народна Банка на Република Северна Македонија во нејзината месечна анализа.
„Најновите согледувања за растот на светската економија се поповолни во споредба со октомвриските проекции како резултат на одобрувањето повеќе вакцини за употреба и почетокот на вакцинацијата во дел од развиените земји од декември 2020 година, поповолните оценки за остварувањата во втората половина на 2020 година и најавите за дополнителен фискален стимул во дел од развиените земји во следниот период“, стои во писменото соопштение.
Од Народна банка информираат, дека расположливите податоци за четвртиот квартал од 2020 година упатуваат на натамошно забавување на годишниот пад на индустријата, при што во декември беше забележан и годишен раст, за прв пат од појавата на пандемијата.
Според овие податоци, забавува падот и кај прометот во вкупната трговија, додека градежништвото регистрира забрзување на растот.
Годишната стапка на инфлација во јануари 2021 година изнесувал 1,9% и според НБРМ истиот е во согласност со очекувањата според последната проекција.
„Последните расположливи податоци за јануари 2021 година и понатаму укажуваат на соодветно ниво на девизните резерви. Заклучно со декември 2020 година, остварен е солиден годишен раст на кредитната активност од 4,7%, во рамки на очекувањата, при раст на депозитната база од 5,7%, кој е над проектираниот“, известуваат од НБРМ.