Електронскиот попис е единствено решение, кое е брзо и ефикасно ќе понуди цврсти информации кои и се потребни на државата, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму истакнуваат дека време е СДСМ да се откаже од, како што велат, насилно туркање кон попис кој ќе значи фалсификат и лажење како на институциите, така и на граѓаните.
„Никој нема полза од фингиран попис и Заев и СДСМ мора да го сфатат тоа. Македонија 40 години немала реален попис, кој може да помогне на државата во планирањето на идните чекори, Заев е на пат да спроведе уште еден политички попис, кој ќе биде само за задоволување на коалициони апетити и ништо друго“, стои во партиското сооопштение.
Во него се додава дека електронскиот попис би се спровел со споредување на базите на податоци на повеќе државни институции, по што ќе се добие јасна слика на бројот на државјани, резиденти, нерезиденти, вработени, невработени, нивото на образование и слика за секој еден податок од значење.
„Доколку Заев сака навистина европски попис ова е шансата, во спротивно ќе покаже дека само сака да си ја зачува фотелјата преку коалициони пазарења“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.