Пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов денеска на прес-конференција изјави дека преку измените на предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Советот на АВМУ ќе добие независен, професионален и стручен состав и оти целта за поднесување на овој предлог од страна на пратениците на владејачкото мнозинство е реформата и професионализација на медиумските регулаторни тела.
Костадинов обвини дека изборот на членови на Советот на АВМУ како и членовите на Програмскиот совет на Националната радио-телевизија премногу долго се одложуваше поради, како што кажа, неразумни блокади од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Според измените на законот, изборот на овие членови би бил со 61 глас, но постапката би била иста – инклузивна, транспарентна и отчетна. Така ќе се гарантира професионалност и независност.
„Зад овие блокади се кријат само партиски интереси и политика на отпор кон реформи и професионални институции“, изјави Костадинов.
Тој вели дека не знае зошто не е закажана комисијата на која ќе бидат разгледани измените на Законот, што се носат по скратена постапка. На прашањето дали има разговори со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека не би рекол оти има такво нешто.
За реакциите на здруженијата на новинарите и синдикатот за менувањето на законот, рече дека заедничка цел на сите е професионалзиација и департизација на регулаторните тела.
„Добро е што имаме заедничка цел со здруженијата, а тоа е конечно да се спроведе една таква реформа, професионализација и департизација на едни така важни регулаторни тела. Ќе повторам дека три години имавме можност конечно да ја спроведеме. За жал, додека ВМРО-ДПМНЕ ја водеше Комисијата за избори и именувања немавме успешен оглас во однос на АВМУ и Програмскиот совет на МРТВ. Јас ги уверувам граѓаните, особено медиумските работници дека воопшто не треба да стравуваат дека наводно влегуваме во сива зона затоа што веќе имаме докажано дека во еден транспаретен процес сме избирале едни многу важни тела во оваа држава“, рече Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање.
Останува, повтори тој, јавната дебата за изборот на членовите на овие тела и смета дека можност за учество ќе имаат сите.
„Но, секако дека нема да дозволиме повторно ВМРО-ДПМНЕ само заради лични хирови да ги опструира така важните процеси“, рече Костадинов.