Претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани во изјава по повод Меѓунаридниот ден на образованието дава поддршка на образовните реформи коишто ги спроведува Министерството за образование и наука. Понудената концепција за основно образование од МОН ги содржи сите клучни сегменти кои треба да се постигнат со реформата, а на кои потсетува УНИЦЕФ по повод Меѓународниот ден на образованието.
Според Патриција Ди Џовани образовниот систем, на чело со наставниците, треба да им помогне на учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел. За потсетување во главниот фокус на новата концепција за основно образование се токму инклузивниста и поттикнувањето на полниот потенцијал на секое дете преку критичко и креативно мислење.
“УНИЦЕФ ги повикува сите чинители да останат посветени на реформите во образовниот систем базирани на докази, при што учениците да бидат во центарот на промените. Сега е време да се зајакне соработката и националната солидарност, а образованието да биде фокус на обновување и трансформација во насока на поквалитетна настава и учење за сите деца и млади за време на пандемијата на КОВИД-19 и потоа, во фазите на закрепнување. Време е да се инвестира во подобар образовен систем со цел образованието да стане средство за негување социјална правда, мир, почитување на различноста, човековите права и демократските вредности”, вели Ди Џовани.
Претставничката на УНИЦЕФ посочува дека во моментов, земјата е во процес на реформа на образованието со која треба да има поголемо вложување во професионалниот развој на наставниците во и вон училиштето, со цел наставниците да добијат пристап до можности за учење и можности да напредуваат во кариерата.
“Потоа, треба да се зголеми времето што учениците го поминуваат во основно училиште. Да се обезбедат услови за целосно вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен систем во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и да се зајакнат критериумите за избор на кандидати за идни наставници на наставничките факултети”, вели Ди Џовани.
Ди Џовани истакнува дека треба да имаме на ум дека дури и пред КОВИД-19, постоеше образовна криза, при што според последните резултати на ПИСА, над половина од петнаесетгодишните ученици во земјава не успеаја да покажат дека ги совладале основите на читање и математика. Исто така, неодамнешна анализа на образовниот систем во земјата, спроведена заедно со ОЕЦД, се посочени главните причини за негативните трендови во образовните резултати и дека тоа треба да поправи се со цел да се обезбеди подобар образовен систем.
“Без амбициозни зафати во образованието, пандемијата на КОВИД-19 уште повеќе ќе ја продлабочи сегашната образовна криза, со катастрофални последици по генерации ученици, како и по економската продуктивност и социјалната кохезија во земјата.
Истражувањата во светски рамки покажуваат дека главниот двигател на добрите резултати во образованието е квалитетот и компетентноста на наставата. Затоа, пресудни за добриот образовен систем се мотивирани и компетентни наставници”, вели Ди Џовани.