24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Фокус истражува: Со фалсификат потпис грчката компанија Интраком оштетена за 2 милиони евра!

Во последниот број, неделникот Фокус открива афера која дава сосема нова димензија за причините зошто доцни изградбата на штипската болница. Според документи до кои дошол неделникот, преку низа фалсифкувани потписи и судски тенденциозни одлуки, покрената е судска постапка против Интраком компанијата која го гради објектот од страна на Бетон Штип, компанија подизведувач најмена од Интракат.
Според истражувањето на неделникот, на 5 август 2020 година компанијата Интраком, дел од грчата групација Интраком, која работи на изградбата на штипската клиничка болница, дознава од Стопанска банка дека нејзината трансакциска сметка е блокирана за износ од 500.000 евра по основ на налог за извршување. До тогаш никој од Интраком не знае дека против компанијата е поведена постапка и донесено е извршно судско решение.

Имено, градежното друштво Бетон Штип, кое во овој период е веќе во стечај, на 20 февруари 2020 покренува судска постапка преку Основниот суд Штип, против Интраком за наплата на долг од околу два милиони евра, пресметан од страна на тужителот ГП Бетон Штип. Основот е „претрпена штета од раскинување на договорот помеѓу Бетон Штип и компанијата Интраком“, договор раскинат од страна на Интраком заради неисполнување на обврските од страна на Бетон Штип.

Според документите кои ги презентира Фокус, судијката Лилјана Јанкова како претседател на судскиот совет, донела решение за издавање на судски платен налог со кое го задолжува тужениот, односно Интраком да му исплати на тужителот парично побарување од над 2 милиони евра. На предметното решение кое е објавено во Фокус, може да се види дека е ставена потврда за правосилност на 9 март 2020 година и потврда за извршност на 18 март истата година. За целото тоа време компанијата Интраком не е запознаена воопшто што се случува се додека не им се блокира сметката и се извршат односно повлечат првите 500.000 евра од вкупно 2 милиони.

По добиените информации од банката за присилната наплата, Интраком преку своите адвокати бара и остварува увид во решенијата на судот и постапката. Согласно приложените документи во Фокус, Интраком со вешт доказ на графолози докажува дека тие воопшто не примиле било какво решение од судот и немале можност да ја обжалат пресудата. Согласно судското вештачење, потписот со кој наводно компанијата го примила решението од судот е фалсификуван. Спорниот потпис напишан во рубриката „Примач“ на доставената повратница со предмет на пратката – Решение од 25.02.2020 година и тужба со докази адресирана до ПСТД ИНТРАКОМ КОНСТРАКШН СОСИЕТЕ АНОНИМ ТЕКНИКАЛ ЕНД СТИЛ КОНСТРАКШНС – подружница Скопје од Основен суд Штип од 28.02.2020 година не е идентичен со доставените потписи од лицата Ерцан Созен, Константинос Симоу, Благица Апостолова, Андреас Атанасопулос о Христина Несторовска“ – се наведува во вештиот наод објавен во Фокус, што укажува и дека има судско вештачење дека потписот е фалсификат.

Врз основа на оваа одлука и решение со фалсификуван потпис, се оневозможува учество на Интраком во судска постапка!

Интраком преку адвокатското друштво поднесува предлог за повторување на постапката бидејќи тужениот со незаконито постапување, односно пропуштање на доставувањето не му била дадена можност да расправа пред судот со образложение дека е направен сериозен пропуст при доставувањето на предметното решение до тужениот.

Интраком сè уште се бори во судските лавиринти, со блокирана сметка заради судска одлука базирана на лажен потпис. Затоа и адвокатското друштво што ја застапува грчката компанија поднесува и претставка до Судскиот совет на Македонија за утврдување одговорност на судијката Јанкова од Штип, која според претставката, како судечки судија и претседател на советот во судот во општина Штип во спорот помеѓу ГТД Бетон Штип во стечај и фирмата Интраком постапила нестручно и несовесно во вршењето на својата функција и нанела огромна штета на грчката компанија. Дополнително, покрената е и постапка до штипска Апелација, каде што полномошникот на Интаком бара изземање на судијката која го води судскиот процес заради конфликт на интереси, бидејќи таа е мајка на еден од адвокатите што работи во адвокатското друштво што го застапува Бетон Штип.