17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска: На Бугарија и дадовме позитивен документ, ако имаме позитивен одговор, ќе имаме заедничка иднина

„Според информациите кои ги имам, она што го имаме во Владата, се сугестии на Бугарија во врска со акцискиот план кој ние го предложивме до Софија, а нуди соработка и партнерство. Имавме голем состанок во Влада и ставивме се на хартија, што е она што може да не поврзе, пред се увидовме дека имаме големи заеднички инфраструктурни проекти кои треба да ги реализираме. Ние навистина дадовме документ дека сакаме да бидеме добри соседи. Ако и од другата страна има позитивен одговор ќе имаме заедничка иднина“- изјави Радмила Шекеринска, министерка за одбрана, на телевизија 21.

Таа истакна дека државниот врв е фокусиран да и помогне на државата, а не на партијата.

„Ако бевме фокусирани да печалиме за политиката, а не за државата, и ние ќе критикувавме, ќе плукавме кон Бугарија, и сето тоа ќе беше оправдано во јавноста. Но, ние не сакаме да сме тоа, не сакаме да нудиме кавга, ние сме фокусирани на тоа што можеме да го сработиме дома, да ги донесеме европските стандарди дома, но и да одржиме добрососетски односи. Затоа нашата заложба ќе биде ние секогаш да бидеме расположени за соработка, но покажавме кои се нашите црвени линии и за кои прашања нема да зборуваме и за кои прашања ќе кажеме „не“. Веруваме и во моќта на нашите аргументи, веруваме во вистината. Сепак, од ова со Бугарија се научија позитивни лекции. Не сакам да сме нестрпливи, тоа може скапо да не чини. Никогаш не сме губеле време и нема ниту сега.“- дополни Шекеринска.