Граѓанскиот активист, новинар и музичар Петрит Сарачини, е неоснована цел на напади со говор на омраза на социјалните мрежи. Коментарите се толку непристојни што некои повикуваат на негова ликвидација, со тоа да му се отсече главата, но и да му се отсечат прстите за да не можел повеќе да работи. За заканувачката содржина во коментарите е известена полицијата која сигурно ќе постапи и ќе ги открие заканувачите.
Имено, пред неколку дена, неколкумина на социјалните мрежи споделуваа иста фотографија според која Сарачини во неколку групи на Фејсбук споделил иста вест. И дека тоа го правел редовно. Па коментарите започнаа со тоа дека е платеник на власта, се до закани за негова смрт. Сарачини во својот одговор наведе дека сите групи на кои споделува вести се или формирани од него, или тој е администратор или дека се групи на кои подолго објавува вести. Но, забележува Сарачини, сите групи се со име, а тој постојано споделува вести, пред се на порталот Цивил, со своето лично име и презиме.
Дополнително, истакнува тој, вестите кои ги споделува се вистинити, поткрепени со факти и се објавени од релевантни медиуми. Со ова, тој сака да каже дека не се занимава со лажни вести и манипулации и дека токму затоа настапува отворено, со име и презиме и затоа не му е јасно зошто читателите реагираат, кога станува збор за официјални вести.
Но, неговиот став дека е транспарентен, отворен и не се крие зад лажни профили, а при тоа споделува вистинити вести, не наиде на одобрување кај некои од заканувачите, па тие продолжија и денеска со закани, навреди, се до негова ликвидација. Впечатокот е дека токму тие кои му се закануваат шират говор на омраза, дека токму тие промовираат фашистички и националистички ставови и дека тие наштетуваат на општеството и меѓуграѓанските односи.