12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

И со пропагандата се претера: „Инфомакс“ лаже дека Македонците и Албанците биле обединети за Трамп

Пропагандниот портал Инфомакс ги навреди сите Македонци и Албанци, лажно генерализирајќи дека биле обединети во поддршка на американскиот претседател Трамп додека држел говор пред насилничкиот упад во Капитол Хил:

„Пред yпaдот говор држеше американскиот претседател, а говорот го слушаа илјадници негови поддржувачи, меѓу нив имаше и Македонци и Албанци.

Како што се гледа на сликата Македонците и Албанците се обединети преку океанот во поддршката за американскиот претседател, а македонско и албанско знаме зедно се вееја пред американскиот Конгрес.“

Наместо да го осуди насилничкиот упад во Капитол Хил, пропагандниот портал Инфомакс го злоупотреби случајот со двајца радикали пред Капитол Хил за да сервира пропагандна лага дека Македонците и Албанците во САД биле обединети во поддршка на Трамп.

Инаку, ден пред да се случи нападот, „Инфомакс“ буквално навиваше да се случи 27 април во САД, со тенденциозниот наслов дека „се крчка „27 април во САД“ и дека „Трамп утре маршира на Вашингтон“.

Да потсетиме, порталот Инфомакс беше дел од пропагандата во служба на поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ кои најтенденциозно известуваа на 27 април 2017.

Како што објави „Призма“ во анализата за „Улогата на медиумите во инцидентот на 27 април“, под тенденциозниот наслов „Ова е човекот кој пукаше во народот“ беа објавени слика и текст за сегашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски кој во тоа време беше дел од полициското обезбедување на Оливер Спасовски.

„Сашо Тасевски е човекот, дел од личното обезбедување на Зоран Заев и Оливер Спасовски, кој вечерва извади пиштол со намера да пука кон народот. Ова предизвика дополнителен револт кај народот што влезе во прес-салата на Собранието, по што настана општ хаос во кој беа повредени неколку пратеници од СДСМ, меѓу кои и Зоран Заев“, известуваше тогаш Инфомакс.

Ваквото пропагандно известување на Инфомакс нема никаква врска со новинарската етика, затоа што порталот застана отворено во одбрана на насилството врз демократски избраните пратеници и врз собранието на 27 април 2017. Според Кодексот на новинарите на Македонија „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“ (чл. 10)