25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Медицинските и економските придобивки од легализација на канабисот

-Еден од аргументите е тоа дека со легализирање на марихуаната, покрај медицинската и рекреативната употреба, се намалува бројот на корисници на ова растение, но и значително влијае на намалување на користењето на потешки, хемиски дроги. Ако се следат научните истражувања, кои во последните неколку години, земаат се поголем замав, тогаш јасен е трендот на намалување на бројот на корисниците. На пример, во Канада и во американските држави Колорадо и Орегон, користењето на марихуаната во рекреативни цели се намалило за 50 отсто, особено кај младата популација.- пишува порталот Нова ТВ.

За Европа има интересни податоци објавени како дел од медицинско истражување, дека во државите во кои не е легализирана марихуаната има повисок процент на корисници. Исланд предничи со речиси 20 отсто од граѓаните кои редовно конзумираат, потоа следи Франција со 12 отсто од популацијата, Шпанија и Италија (легализирана е медицинската употреба) со 10 проценти. Онаму каде што е легализирана, граѓаните не се толку заинтересирани за рекреација со џоинт, па истражувањето запишало дека во двете најлиберални држави, Холандија и Чешка, само шест отсто од жителите се изјасниле дека користат канабис во секојдневието.

За Северна Македонија не постои понова статистика или обемно истражување на пазарот за да се утврди колку македонските граѓани пушат марихуана, но сигурно во следните месеци ова ќе биде предизвик, пред се за граѓанските организации кои се занимаваат со темата, да спроведат помасовно истражување кое ќе оди во прилог на ставот на премиерот, но и на многумина во СДСМ, но и во други политички партии, научни и уметнички кругови, се до младата популација, за која е извесно дека користи марихуана. Неопходно ќе биде целиот процес да се одвива транспарентно затоа што многумина имаат што да кажат на темата и затоа што само така ќе биде исправно оти либералните сили во општеството кои ќе застанат зад идејата на премиерот за противник ќе ги имаат конзервативните ставови на партии, лекари, организации… и нема да биде лесно да се наметнат во јавноста позитивните ефекти од легализација на канабисот, пред се неговите лековити дејства, но и неговата моќ да внесува финансиски приливи во државната каса.