18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев со честитка по повод Божик до верниците на Католичката црква

Претседателот на Владата, Зоран Заев, упати писмо со честитки до Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх, по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божик, кој денеска го прославуваат верниците на Католичката црква.

Во писмото и до сите верници на Католичката црква во нашата земја премиерот Заев пишува дека Божик е еден од најсветлите празници, кој носи нов живот, нова надеж за подобро утре за секој човек и за секое семејство, кој годинава го славиме во посебни услови, кои на светско ниво ја донесоа пандемијата на коронавирусот.

„ Овој голем христијански празник секогаш ги повикува луѓето да се огледаат во делото и учењето на Исус Христос како најинтимен и најрадосен момент во душата на секој верник, при што во мир и со спокоен дух заедно да го победиме злото и да го преобразиме во добро. Соочени со моќен непријател, но водени од Христовата љубов, да се потсетиме на потребата да бидеме достојни верници и чесни луѓе, да живееме скромно и правично, а овие светли денови да ги славиме во кругот на домот за да се заштитиме себеси, но и здравјето на нашите ближни“, истакнува во писмото премиерот Заев и додава како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата, да ги почитуваме препораките за безбедно растојание, носење заштитна опрема и за одржување редовна лична хигиена и за време на празниците.

Заев ја нагласува пораката на божикните празници, кои поттикнуваат на човечко милосрдие, на добри дела, на разбирање еден со друг и на љубов во кругот на нашите семејства, помеѓу соседите и пријателите и севкупно во нашата држава.

„Нека е честит и благословен големиот христијански празник – Божик! Христос се роди! Навистина се роди! Останете дома во добро здравје! Имајте среќни празнични денови меѓу своите сакани!“, пишува во писмото со честитки по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божик, кој денеска го прославуваат верниците на Католичката црква.