22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и Заев да не се занимаваа со криминал, денес државата ќе почнеше со вакцинација

Додека Филипче спие, вакцини стигнаа во соседните земји и почна вакцинацијата против коронавирусот, а во Македонија ни трага ни глас. Во Македонија, Владата допрва ќе формирала комисија за директни преговори со фирмите производители на вакцини, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија доцни со месеци зад другите земји во регионот. Да го потсетиме Филипче како тече процесот во земјите од соседството. Српската премиерка Ана Брнабиќ вчера се вакцинира прва, со што почна вакцинацијата во Србија, Грција почнува со вакцинација на 27 декември, a првиот ден, според најавите во медиумите, треба да се вакцинира и претседателката Катерина Сакеларопулу. На 27 декември почнува вакцинацијата и во Хрватска, а деталите за вакцината и целиот процес ги презентира премиерот Андреј Пленковиќ во вторникот на 22 декември.

Филипче и Заев, кога конечно ќе се охрабрите и да излезете со прецизни информации?

Вие треба да дадете многу детали како за набавката на вакцината – од кого, кога и колку ќе стигне во Македонија и, секако, за самиот процес на вакцинирање – како е организиран и кога ќе почне.
Очигледно и двајцата не знаат, а зошто би се заморувале со здравјето на граѓаните кога како и во многу други работи, па така и во ова гледаат очигледно простор за бизнис.

Филипче зборува за измени на Законот за јавните набавки, наводно биле неопходни за набавка.

А измените се во делот на плаќање аванс поголем од 20 проценти и да не мора дистрибутерот да приложи банкарска гаранција за учество на тендер. Во превод, ова се толкува вака – ќе може на тендерот да се јави и нова фирма за набавка на вакцините, без никаква историја на претходна работа, а за да ги набави, ќе ѝ плаќаат авансно или ќе работи со пари на државата бидејќи нема да мора да приложи банкарска гаранција.

Филипче и Заев, доста со малверзации и лажење на граѓаните, дури и сега, дури и за набавка на вакцините!“ соопшти опозициската партија.