„Пазарната вредност на државното земјоделско земјиште изнесува повеќе од две милијарди евра, но се очекува да се продаде 15 до 20 отсто или во вредност од 200 до 300 милиони евра. Во едни такви околности имаме отворено дебата, ќе се отвори и законот, ќе се прецизираат постулатите… Тие што во моментов имаат концесија и користат земјоделско земјиште од државата, ќе им се одреди цена и ќе им се даде прво можност на корисниците да станат сопственици или да продолжат со концесијата. Добро е во однос на ова да ги слушнеме граѓаните, медиумите, бизнисите, ова е сериозен ресурс за развој. Кога ќе го продаваме ќе се постават услови во договорот, прво дека не смее земјиштето да се урбанизира, не смее да се продава парцела помала од 10 хектари за да не се раситни земјиштето, второ, мора да се обавува земјоделска дејност, ако не се работи земјоделие на купената парцела, сопственикот ќе мора да плати три пати поголем данок“- објасни некои дилеми околу државното земјоделско земјиште, премиерот Зоран Заев, на гостувањето во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат.
Дополни дека многу земјоделци не можат да користат кредитни линии или фондови затоа што земјиштето на кое произведуваат не е во нивна сопственост.
„Земјоделието има голем потенцијал, за нови работни места, за зголемување на конкуретноста на производите, за извоз на странските пазари. Сега е време кога мораме да го искоритиме целиот потенцијал. Цената не е утврдена, но ќе се направи пресек и ќе се дефинира некоја цена која ќе биде прифатлива и за физички и за правни лица. Да речеме, 1 000 метри квадратни да не се повеќе од 250, 300, 350 евра. Тоа би било почетна цена и потоа ќе се лицитира.“- појасни премиерот Заев.
Тој посочи дека државното земјоделско земјиште кое е во периферија на населените места нема да се продава затоа што тоа може некогаш ќе мора да се урбанизира, туку ќе се продаваат парцели за кои се знае дека со децении не би стигнале да се урбанизираат, а при тоа се погодни за производство на некаква земјоделска култура.