Лага е дека Владата и Министерството за здравство не работат на обезбедување вакцини против коронавирусот и дека вакцините ќе сме ги добиеле последни, велат од СДСМ како реакција на обвинувањата на Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, која кажа дека Македонија последна ќе има вакцини против коронавирус, во ситуација кога соседите веќе ги добиле.
„Вистината е дека веќе е реализирана уплатата за 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на ‘Ковакс’ механизмот. Покрај овој механизам, започнати се преговори и за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата, каде аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони“, посочуваат од владејачката партија.
Од таму нагласуваат дека подготовките за имунизација се започнати, се набавуваат соодветни модели на фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури.
„Истата ВМРО-ДПМНЕ која лажеше дека нема доволно тестови, истата ‘фејк њуз ДПМНЕ’ која лажеше дека немало заштитна опрема за лекарите, истата ВМРО-ДПМНЕ која намерно блокираше заем за изградба на 16 модуларни ковид-центри, денеска лаже дека немало да има вакцини против коронавирусот“, се наведува во партиското соопштение во кое се додава дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш против здравјето и интересите на граѓаните, против здравствениот систем и здравствените работници.