23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев и Филипче порачаа: Празнувај одговорно, да го чуваме здравјето додека ја чекаме вакцината

„Владата на денешната седница донесе одлука да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет-мерки и препораки за периодот од 18 декември до 20 јануари со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници“, информира премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, на која заедно со министерот за здравство ги соопшти најновите рестриктивни мерки и го најави почетокот на владината кампања „Празнувај одговорно“.

Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, кои ќе работат до 18 часот, забрана за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор од страна на општините, работните организации и забрана за работа до 21 часот на рестораните во хотелските објекти. Со мерките се опфатени и јасни препораки до верските заедници – да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на претстојните верски празници.

Премиерот Заев објасни дека овие мерки се носат со цел да празнуваме одговорно за заштита од Ковид-19 во пресрет на новогодишните празници и апелира за нивно почитување.

„Апелирам оваа година да празнуваме одговорно. Ова е време кога треба да одбележиме, а не да славиме. Секој од нас е повикан да биде одговорен за да не предизвикаме нов бран на епидемијата – токму сега кога сме на чекор до масовната вакцинација по што целиот свет очекува да се вратат нормалните услови за живеење, работа и развој. Апелирам да се издигнеме над поединечниот личен интерес“, порача премиерот Заев и додаде дека државната помош и поддршката за најзагрозените сектори е во тек.

Министерот за здравство, Филипче, информира за актуелната состојба и упати апел да не се излегува од дома без некоја голема потреба по 18 часот за да се избегнат ризиците од формирањето групи граѓани. Осврнувајќи се на вакцината, министерот Филипче рече дека земјата е подготвена за прием, дистрибуција и за вакцинација против Ковид-19.

„Во посета на сите економски оператори што имаат капацитет за чување и дистрибуција на вакцините се уверив дека капацитетите се подготвени, останува во јануари да пристигнат и специјалните фрижидери што ќе ја чуваат вакцината на ‘Фајзер’, која се складира на -70 степени, преку донација. Со тоа ќе бидеме целосно подготвени. Активни сме на три полиња за набавка на вакцини. Едниот е Ковакс-системот, каде што набавивме над 800 илјади дози за 400 илјади граѓани. Апелирам граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести. Вакцините се безбедни, тестирани, проверени и развиени на безбеден начин исто како и сите други вакцини што денес ги користиме. Вакцините ќе бидат бесплатни за сите граѓани, приоритет ќе имаат здравствените работници, возрасните над 65 години и оние граѓани со хронични кардиоваскуларни и белодробни болести“, посочи Филипче и додаде дека се следи и состојбата во регионот, каде што има некои трендови на забавување, но сè уште има голем број новодијагностицирани и починати лица: Хрватска има 65 починати во изминатото деноноќие, 44 во Словенија, 60 во Грција.

На прес-конференцијата премиерот Заев потсети дека државата во континуитет се грижи за граѓаните и го поддржува стопанството со мерки што се применуваат во целиот свет.