25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Груби: Во 2024 ќе ве прашаме дали сте денес подобро од пред 4 години

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, во однос на 100 дена влада, во својство на највисок албански претставник во Владата, рече дека со гордост може да се заклучи дека кохезијата помеѓу владините партнери ја чувствуваат сите граѓани и меѓународната заедница, дури и од првиот ден на работа на оваа влада.

Според Груби, приоритетите на владата се веќе познати за сите, имено откако Република Северна Македонија стана членка на НАТО, се заокружи нормативниот дел од Охридскиот договор и се спроведоа итните системски реформи, сега останува да се реализира економската преродба и развој, владеењето на правото и кристално чистото заслужено членство во Европската Унија заедно со сите придружни елементи за подобар животен стандард за сите граѓани.

„Големата победа на ДУИ и на СДСМ од 15 јули беше потврда на политиките и храбрите одлуки на владината коалиција којашто доби поддршка да продолжи по истиот пат на економски раст, западна определба, општество на еднакви граѓани и неселективна правда преку вистинско владеење на правото. Во демократската политичка пракса и култура, 100 дена по изборот на владата е период во кој опозицијата се воздржува од критика и дозволува простор за етаблирање на новиот кабинет, а не за отчет затоа што нашиот отчет е впрочем секојдневен.

Првенствено, во својство на највисок претставник на албанската заедница во нашата Влада, би сакал да дадам целосна поддршка до македонската заедница во заедничките напори да ги почнеме преговорите за членство во Европската Унија и да повторам и уверам дека во ниту еден момент со нашиот сосед не се разговара за јазично-идентитетски прашања, и затоа нема воопшто простор за какво било стравување, а најдобра потврда за тоа е денешната перспектива две години по уставните измени и преспанскиот договор при што станавме членка на НАТО и меѓународно потврдена заедничка држава.

Моја задача е да се залагам за коалициска кохезија и координација на политичките ресори во владината коалиција и гордо можам да констатирам дека кохезијата меѓу владините партнери ја чувствуваат и граѓаните и меѓународната заедница уште од првиот работен ден на оваа Влада.

Нашите приоритети се добро познати на јавноста, односно откако станавме членка на НАТО, го заокруживме нормативниот дел од Охридскиот договор и ги спроведовме итните системски реформи, тоа се економската преродба и развој, владеењето на правото и кристално чисто заслуженото членство во Европската Унија заедно со сите придружни елементи за подобар животен стандард за сите граѓани.

Ги отворивме границите со нашите соседи, договоривме заедничка владина седница со владата на Косово, ќе следи и со Грција и другите соседи, 9 милиарди евра се доделија за југоисточна европа, организиравме прва официјална посета на премиерот на Косово, го потпишавме 5Г меморандумот со САД, ја завршивме експропријацијата на автопатот Скопје – Блаце, којшто веќе се гради, го завршивме реновирањето на хируршкото оделение во Гостивар и еколошкото греење во гинекологија Чаир, го одбележавме 22 ноември, усвоивме пакет од 470 милиони евра, надополнет и на последната
владина седница, обезбедивме над 830 илјади вакцини, го завршивме Албанскиот театар, обезбедивме финансирање на општинските проекти и преку ребалансот и преку ТАВ заедно и со нови финансиски инструменти за помош и поддршка на општините.

Веднаш по формирањето на Владата, ја потврдивме определбата и за спроведување попис на населението предвиден за април наредната година, како важен статистички процес, кој исто така е значаен дел при планирањето на политиките на Владата.

Ги повикувам опозициските партии да ја прифатат нашата подадена рака за искрена соработка, за заедништво, за конструктивност.

Драги граѓани, ќе повторам, во нашата влада ВИП-седиштата се резервирани за вас. Ние започнавме изградба на ново општество на еднакви граѓани и во права и во обврски. Затоа, ценете нè според работата, а не според зборовите, според реализацијата, а на според ветеното. Заедно, во 2024 ќе ве прашаме дали сте денес подобро од пред 4 години. Ако мнозинството од вас кажат да, тогаш нашето владеење било успешно“, истакна Груби.