„Политичките партии постојат за избори, преку кандидатите и програмите да ја бараат довербата од гласачите. Ние имаме чесна понуда за Штип со Сашко Николов. Излегуваме пред штипјани со голема верба и без колебање. Тоа што ВМРО ДПМНЕ не сака избори е лицемерие, страв од пораз, но тоа е нивен проблем. Граѓаните треба да ценат дали луѓе кои се лицемерни, луѓе кои немаат став и луѓе кои бегаат од политички битки можат нешто да придонесат за државата.“- изјави министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, во интервјуто на социјалните мрежи.
Спасовски зборуваше дека СДСМ настапува чесно и искрено на локалните избори во Штип и дека крајна цел е нивен кадар да управува со општината.
„Ништо не може да биде изговор за бегање од избори. Да, имаме пандемија, но ние имавме парламентарни избори на цела територија. Затоа мора да се знае дека локалните избори ќе бидат според сите протоколи, со целосна заштита на здравјето. И затоа граѓаните да не се колебаат туку да ја преземат власта во свои раце. Апелирам да излезат на овие безбедни избори и да одлучат за својата иднина. Ако се занимавате со политика и сакате да сте на јавна функција, тогаш мора да сте посветени и пожртвувани кон работата. Ако сакате да им служите на граѓаните мора да ги имате овие карактеристики, а Сашко Николов, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Штип ги поседува. Затоа е важно за штипјани да изберат човек што им е сигурен, да ги продолжи започнатите проекти.“- изјави Спасовски.