25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Николоски: Време е за оставка на Заев и за формирање влада за национален спас

Политичката кариера на Зоран Заев се темели на две клучни ветувања – првото е живот за сите, a второто е интеграцијата на Република Македонија во ЕУ, рече денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Во однос на првото тој рече дека Македонија во изминатите четири години се задолжила над две милијарди евра и дека во земјата, како што рече, владее тотална сиромаштија и беспарица. Исто така, Николоски нагласи дека по четири години, јасно е оти проектот на Заев за ЕУ завршува со целосно фијаско.

„Четири години лажни ветувања дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Четири години Зоран Заев и неговиот тим ветуваат дека ќе почнат преговори, ама никако да кажат на кој датум ќе почнат преговорите за членство во ЕУ. Четири години немаме одговор на едноставното прашање што го поставува ВМРО-ДПМНЕ: Кој е датумот на кој ќе почнат преговорите со ЕУ?“, посочи потпретседателот на опозициската партија.

Според него, кога Бугарија видела дека Македонија не напредува во делот на реформите и борбата со организираниот криминал и корупцијата, решила да ги постави и своите позиции.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, понуди да се направи средба помеѓу клучните политички фактори во Македонија за декларација со македонските позиции, да се усвои тоа во македонското Собрание, како би можело Македонија со консензус да ги постави своите позиции. За жал, тоа беше одбиено. Потоа следуваше март 2020 година кога Бугарија успеа своите позиции како објаснувачки меморандум да ги направи составен дел на одлуката на ЕУ во однос на почетокот на преговорите на Македонија. Тогаш беше атмосфера на предизборие и власта се обиде да го скрие овој документ. Две недели го криеја документот за потоа да биде презентиран од медиумите, да биде презентиран и од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш јавно повикавме на лидерска средба, на која заеднички ќе заземеме став. За жал, тоа наше барање се одби, се одби барањето за лидерска средба, власта продолжи самата да ги води процесите верувајќи дека ќе може на тој начин да се претставува како единствен фактор што ја движи државата напред, а сите други се, нели, ретроградни сили“, посочи Николоски во своето излагање.

Според него, сета оваа хронологија покажува дека Владата предводена од Заев нема нити волја нити капацитет да направи реформи, да се бори со организираниот криминал и корупцијата, а уште помалку знае да ги решава отворените прашања.

„Затоа, што побргу, што побргу треба да си заминат! Зоран Заев и оваа Влада да поднесат оставка и да се формира влада на национален спас, која ќе даде одговори на оваа голема криза во која се наоѓа Македонија. Криза во однос на блокадата на евроинтегративниот пат, но исто така и здравствената и економската криза предизвикана од коронавирусот“, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.