25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи и австрискиот амбасадор го посетија семејството на момчето кое загина во нападот во Виена

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, заедно со австрискиот амбасадор, Георг Вутсас, беа во посета на роднините на 20-годишниот Неџип Вренези од Струга, кој беше еден од цивилите кои настрадаа во терористичкиот напад во Виена од пред неполн месец, што го изврши Австриец со потекло од Тетовско.

„Го изразивме нашето длабоко сочувство за нивната загуба, констатирајќи притоа дека е тоа загуба и за двете држави – Австрија и Северна Македонија, кои загубија чесен, работлив и лојален граѓанин“, истакна Османи, заблагодарувајќи се на срдечниот пречек на семејството Вренези кои ги примија пораките на жалење и сочувство во овие тешки времиња за нив.

Османи рече дека тероризмот е опасна закана, од која никој од нас, никаде не е заштитен.

„Неџип Вренези, иако со потекло од Велешта, тој бил роден во Виена, и бил среќен и успешен граѓанин на Австрија; млад, образован човек кој сакал да студира медицина“, истакна Османи, додавајќи дека тероризмот не само што не бира кого ќе загрози, туку не бира ниту каде.

Исто како и извршителите, и жртвите можат да бидат од било каде, со било какво потекло и на било кое место. Сите ние сме на некој начин жртва на оваа закана, сите сме потенцијална мета, и затоа мора заеднички да се спротивставиме и да со одбраниме од ова зло, нагласи Османи.

Министерот истакна дека со амбасадорот Вутсас се во постојан контакт уште од денот на овој терористички чин, уверувајќи дека двете земји имаат целосна доверба, блиска и ефикасна соработка на сите можни полиња, од безбедноста, информативна па се до политичка соработка.