„Тоа што се случи во Виена кажува дека ниту ние, како Северна Македонија, ниту Австрија, ниту било кој од светот не е имун на терористичките активност и соработката мора да продолжи на планот на борба против тероризмот и во таа насока уште синоќа му се јавив на нашиот голем пријател канцеларот Себастијан Курц за да изразиме сочувство до семејствата, до австриската држава“, истакна премиерот Заев во интервју во вестите на ТВ Сител.
Тој нагласи дека размената на информации е еден од најважните принципи за соработка со земјите членки на НАТО и иако Австрија не е членка на Алијансата, таа како една од земјите на ЕУ со која имаме одлична соработка е наш партнер и во оваа сфера на размена на информации што ги поседуваат службите и кои се суштински за борба и спречување на терористички активности.
„Ние имавме една успешна акција пред некој месец, каде што луѓе кои што биле од дел „Ќелија 1“, „Ќелија 2“ и така натаму се повратници кои биле осудени, излегле од затвор и продолжиле со такви активности. Тоа само по себе ја афирмира потребата од програми за рехабилитација и ангажман, ресоцијализација на тие луѓе. Ние имаме таков план и стратегија и во тек се процеси на тој план“, рече претседателот на Владата Заев во интервјуто за ТВ Сител.