22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Барам од македонската нација да се обедини, есперанто-политичари не смее да одлучуваат за идентитетот

Зоран Заев денеска јасно и децидно рече дека е потребен нов анекс на договорот со Бугарија, во кој ќе бидат вклучени максималистичките и неевропски барања што беа содржани во меморандумот што го изгласа бугарскиот парламент есента минатата година, посочи вечерва во вонредно обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Предупредував и дека висок бугарски политичар за време на сесиите што ги имаме во Брисел на Европската народна партија ми гарантира дека сето ова што е дел од меморандумот на бугарската влада и буграскиот парламент е всушност ветување што тогаш го дал Зоран Заев како опозициски политичар велејќи дека само да стане премиер и сите недоразбирања ќе бидат решени“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од македонската нација побара обединување во однос на овој проблем.

„Со идентитетските прашања, со нашата историја, со историските факти, со нашите корени како народ, како држава што го бараше своето место под сонцето, овде во срцето на Балканот, во Европа, за корените на македонскиот јазик нема преговарање“, нагласи Мицкоски додавајќи дека овие вредности се непобитен факт.

Тој исто така порача дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги почитува и да ги земе предвид сите неевропски ултиматуми што ќе ги прифатат, како што рече, актуелните егзибиционисти и есперанто-политичари на власт.