Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со грчкиот амбасадор Димитрис Јанакакис.
Како што соопштија од МНР, на средбата соговорниците ги разгледале сите аспекти од соработката меѓу двете држави вклучително и можностите за интензивирање и продлабочување на билатералните односи преку конкретни форми и иницијативи.
Биле отворени темите и за најновите состојби во регионот, особено во насока на динамиката на европската и евро-атлантската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и за други теми од заемен и меѓународен интерес.
„Само преку натамошно интензивирање на меѓусебната комуникација, засилување на политичката комуникација на повеќе нивоа, како и со повеќе ангажмани и активности, се надградува довербата меѓу соседите, и тоа претставува добар пример за целиот регионот“, истакна Османи.
„Двајцата соговорници го нагласија значењето на договорот од Преспа, како и воспоставената доверба, а кои сѐ повеќе добиваат карактеристики на долгорочно партнерство и пријателство. Преку акцискиот план потпишан меѓу двете влади продолжуваат да се реализираат и преземаат многубројни конкретни активности и форми на соработка“, соопшти МНР.
Заемно било истакнато дека Северна Македонија се наоѓа пред една нова значајна фаза во напредокот во интеграцијата во Европската Унија, која до крајот на оваа година се очекува да биде заокружена со одржувањето на меѓувладината конференција и формалното почнување на пристапните преговори со Унијата, при што, велат од МНР, Грција продолжува да биде наш активен лобист и поддржувач на европската перспектива.