22.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров и Нуредини учествуваа на 5. состанок на Секторскиот мониторинг-комитет​

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска копретседаваше со 5. состанок на Секторскиот мониторинг-комитет за животна средина во рамките на ИПА II. Повеќегодишната оперативна програма за 2014-2020 во секторот животна средина и климатски акции беше во главниот фокус на состанокот. Станува збор за портфолио од 47 проекти и приближно 135 милиони евра ИПА-средства, што државата треба да ги искористи, а проектите да ги стави во функција најдоцна до 2025 година.

„Со објавувањето на новите иницијативи од Европската Унија, европскиот и инвестицискиот план, како и зелената агенда за земјите од Западен Балкан, станува јасно дека времето на комфорност заврши и дека имаме огромна шанса преку ЕУ-фондовите да ги обезбедиме европските стандарди во нашето секојдневие. Со фокус на чистиот воздух, чиста вода за пиење, третман на цврстиот отпад, заштита на биодиверзитетот, нашата цел е со помош на Унијата да обезбедиме подобар и здрав живот за македонските граѓани“, рече Димитов.

На состанокот на кој учествуваше и ресорниот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, беше разгледан напредокот во спроведување на проектите за изградба на колекторски систем во Скопје, изградба на пречистителни станици за третман на отпадни води во Битола и Тетово, проширување на канализациската мрежа во Кичево, изградба на интегрален систем за третман на цврст отпад во Источниот и Северноисточниот Регион, како и проекти што помагаат во процесот на хармонизација на македонското законодавство со европското acquis.

„Благодарни сме за поддршката што ја добиваме од Европската Унија, особено за финансиската помош обезбедена со ИПА-програмата. Преку овие инвестиции не само што ќе се заштити животната средина туку исто така ќе се унапредат квалитетот и стандардот на животот на нашите граѓани“, истакна Нуредини.

Состанокот се одржува еднаш годишно и служи за отворање на прашањата во присуство на членовите на комитетот за портфолиото на проекти во животна средина. Форумот на комитетот ги опфаќа претставниците на надлежното министерство, на Делегацијата на ЕУ, на Министерството за финансии, донаторите и невладините институции. Со ова присуство се овозможува транспаретна и отворена дискусија, која треба да ги даде насоките и акциите за таргетирано дејствување во наредниот период.

Спонзорирано: