23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) Подготвен првиот предлог-закон за јавно приватно партнерство во земјава

Министерството за економија со помош на експерти од Светска банка и финансиска поддршка од британската амбасада го подготви првиот предлог-закон за јавно приватно партнерство (ЈПП) во земјава.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека преку проектот „Зајакнување на правната рамка и политика на ЈПП и концесии во Република Северна Македонија“ изготвена е драфт-верзија на Законот за јавно приватно партнерство, чија главна цел е да се зајакне улогата и надлежностите на Министерството како силен надзорен субјект, во реализацијата на ЈПП проектите во текот на целиот нивен процес, почнувајќи од самиот почеток па до истекот на договорите за ЈПП.

„При подготовка на оваа регулатива во изминатиот период како надлежно министерство бевме во постојана комуникација со стопанските комори и со бизнис-заедницата со цел да имаме правна рамка која ќе биде во интерес на сите засегнати страни, да се дефинираат и разјаснат проблемите со кои се соочуваа досега кај ЈПП, за да се подобрат можностите за користење на приватниот сектор за навремена испорака на поефикасни и поквалитетни јавни услуги“, потенцираше министерот Бектеши.

Министерот кажа дека овој проект е започнат во јули 2019 година, а законското решение кое е креирано со поддршка на експертите од Светска банка е испратено до сите инволвирани страни со цел во наредниот период целосно да се усогласи со најдобрите светски стандарди и со меѓународната практика за ЈПП.

„Новиот закон за ЈПП има за цел да придонесе за социо-економскиот развој преку поттикнување на конкурентноста, инвестициите, трговијата и технолошките иновации. Новите инвестиции во инфраструктурата ќе обезбедат подобри работни места, ќе го зголемат пристапот до пазарот на труд и ќе обезбедат подобри услуги во клучните сектори, како што се вода, енергија, здравје и образование. Министерството заедно со ИТ-експерти од Светска банка, паралелно со законот работеше и во креирањето на единствен систем/софтвер за Министерството за економија каде што ќе се водат сите склучени ЈПП договори во Република Северна Македонија, како единствено складиште на сите ЈПП и како единствен електронски запис за сите договори и централен извор на информации за доделените договори. Регистарот ќе собира и евидентира информации од договорите за ЈПП и сродните документи и ќе им обезбеди пристап до податоците на сите донатори за следење на проектите од самиот почеток, па сè до склучувањето на договорот, како и неговото спроведување до крај. Оттаму, регистарот на ЈПП ќе се користи и за целите на надзор на уредното плаќање на надоместоци за ЈПП и реализација на обврските на партнерите во врска со спроведувањето на договорите“, рече Бектеши.

Шефот на канцеларијата на Светска банка, Масимилиано Паолучи, кажа дека јавното приватно партнерство може да игра конструктивна улога во развојот на инфраструктурата во една земја и да го подобри квалитетот и исплатливоста на испораката на јавни услуги.

„Гледаме безброј примери за успешна употреба на ЈПП/концесии во Европа и низ целиот свет – на аеродромите, пристаништата, патарините, во градежните услуги, енергијата и водоснабдувањето. Ако се имплементираат правилно, ЈПП можат да ѝ помогнат на Северна Македонија да испорача инфраструктурни услуги во голем број области – на пр. зелена енергија, во здравствениот сектор, општински услуги. Можноста повеќе да се потпираме на ЈПП во иднина лежи во градење на капацитет за спроведување на вакви проекти, како од јавниот, така и од приватниот сектор, имајќи ги предвид научените лекции со ЈПП во Европа и пошироко“, кажа Паолучи.

Британската амбасадорка Галовеј посочи дека нејзината земја има големо искуство за партнерство на Владата и приватниот сектор во доставување услуги на народот кое, како што кажа, е подготвена да го сподели со земјава.

„Ни претставува задоволство да ја поддржиме Владата во идентификување и примена на модел на ЈПП кој одговора на потребите на Северна Македонија и нејзината економија. Искуството и советите на Светската банка и искуствата од најдобрите светски практики ќе обезбедат создавање оптимален модел на ЈПП за земјата. ЈПП некогаш значи ризик, некои од таквите проекти се со пропусти, но многу од овие проекти се успешни во светот. Затоа треба да се постават јасни насоки, транспарентни политики и ефикасни тимови во јавниот и приватниот сектор кои треба да ја подобрат ефективноста и целисходноста на ваквите проекти”, истакна британската амбасадорка Галовеј.