10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бислимоски: Сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија за граѓаните ни е приоритет

Сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија за граѓаните ни е приоритет, изјави Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, на состанокот со Ото Граф, заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија.

Енергетската независност е клучна и таа се обезбедува преку континуирани инвестиции во секторот, се сложиле соговорниците, соопшти РКЕ.

Бислимоски посочил дека енергетскиот систем бил стабилен во време на вонредната состојба, но и дека сега се покажува оти е отпорен на актуелната здравствено-економска криза, што, според него, е резултат токму и на квалитетната регулација на енергетскиот сектор, при што се земаат предвид сите параметри од работата на енергетските компании во согласност со законската регулатива.

„Сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија за граѓаните ни е приоритет. Работејќи на регулативата што ја усогласивме со законодавството на ЕУ по насока од Енергетската заедница, предвидовме и посебен дел за ранливите потрошувачи кои се заштитени во овие зимски месеци. Имено, снабдувачот во зимските месеци декември, јануари и февруари не смее да ги исклучува ранливите потрошувачи поради неплатени сметки. Се покажа дека механизмот за заштита на ранливите потрошувачи, што е пракса од ЕУ, е значаен во вакво време на здравствено-економска криза“, посочи Бислимоски.

Тој истакнал дека РКЕ фокусирано работи на мапирање на градот во однос на греењето, за што се почнати консултации и со градежните комори.

Граф се заблагодарил за приемот во РКЕ и разговорот за регулаторните прашања во Северна Македонија, пред сè, во поглед на пристапниот процес во ЕУ, како и нивното значење за инвеститорите.

„Во однос на идните активности, еден од предизвиците за РКЕ ќе биде дооформувањето на регулативата поврзана со испораката на гас во очекување на исходот од објавениот тендер за гасификација на земјата, како и реализацијата на проектите што неодамна се најавени за изградба на терминалот за течен природен гас во близиона на Александрополис во Грција“, се наведува во соопштението.