22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

„Меѓаши“: Да се врати мерката за ослободување од работа на еден родител за деца до 10 години

Мерката за ослободување на едниот од двајцата вработени родители за деца до 10 години треба да е сè уште на сила, уште повеќе сега, кога родителите се неопходен дел од образовниот процес на своите деца, апелира Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ до Министерството за образование и до Владата.

„Новиот начин на реализирање на наставата самиот по себе е предизвик за сите вклучени страни, но подразбира и потреба од поголема присутност на родителите и нивно поголемо учество во воспитно-образовниот процес.

Активното присуство на родителите/старателите во новата реалност е неопходно и особено важно во првите три години од основното образование кога се случува основното описменување и градење на односот кон соучениците, наставниците, учењето и други вредности.

Во период од своето образование кога ги немаат целосно стекнато и/или усовршено способностите за пишување, читање и разбирање, препознавање на броевите и други основни математички познавања, работењето дома под надзор на родителот е неопходно, без разлика на начинот на којшто детето ја следи наставата, се наведува во соопштението на „Меѓаши“.

Исто така, додаваат дека не треба да се заборават децата од семејствата во социјален ризик, во кои едниот или двајцата родители не се вработени и неретко се принудени да се почесто надвор од домот барајќи работа на пазарот на труд, вклучително и во сферата на сивата економија. Тоа, како што велат, значи дека овие деца кои веќе се социјално исклучени трпат дополнителна дискриминација во нивното право на образование, немајќи возрасен кој може да им помогне, насочи и поттикне.

„Веруваме дека Министерството за образование и наука, како и Владата се залагаат за остварување на најдобриот интерес на децата и апелираме да ја преиспитаат одлуката за укинување на мерката за ослободување на едниот родител од работни обврски, но во исто време да изнајдат начин за поддршка на оние деца чиишто родители ниту се вработени, ниту имаат вештини да им помогнат. Сите деца имаат право на квалитетно образование. Образованието е клучно во развојот на децата и значаен столб во развојот на целокупното општество. Познато е дека секоја денешна инвестиција во образованието на децата е инвестиција во развојот на целото општество, но и превенција од несакани социјални и економски кризи, бидејќи општеството е меѓусебно испреплетен систем, а образованието е основен столб за негов раст и развој“, велат од детската амбасада.