22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Тимоние на последна средба со Заев: За државата е важно да има конструктивност од сите политички субјекти

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој го завршува својот мандат во земјава.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев на средбата изразил благодарност до амбасадорот Тимоние, за неговата посветена и принципиелна работа во насока на развој на демократските и европските вредности во нашата држава.

„Покажавме дека имаме капацитети да носиме одлуки со кои државата оди напред. Станавме членка на НАТО, добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и ја очекуваме меѓувладината седница за отпочнување на преговорите, ја зацврстивме меѓуетничката кохезија дома, ги развиваме и понатаму добрососедските односи, што го покажа посетата на Атина каде зборувавме за економија и соработка на бизнисите. Сега сме силно посветени на борбата против криминалот и корупцијата и владеењето на правото, што е потребно во европските интеграции, но и за нашите граѓани, кои очекуваат да ги обезбедиме европските стандарди дома“, посочил премиерот.

На средбата била изразена и заедничка согласност дека конструктивноста од страна на сите политички субјекти е важен фактор во развојот на државата.

Разговарано било и за можностите за развој на билатералната соработка, посебно во економијата, здравството, зелената енергија, дигитализацијата и било констатирано дека има услови за интензивирање на соработката.