22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Колку новиот ИК на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја РЕДИФИНИРА партијата на Мицкоски?

Додека дел од поранешните функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ бараат вонреден конгрес и оставка од Христијан Мицкоски, поради неколкуте изборни порази во серија, претседателот на партијата во изминатиот период направи повеќе кадровски промени, а пред неколку дена на ред дојде и Извршниот комитет.

Откако Мицкоски на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ предложил на членовите свикување на вонреден конгрес, но ваквиот предлог бил одбиен, тој им порача на своите критичари дека нема намера да поднесе оставка, по што го мобилизира членството на серија антивладини протести откако тој не успеа да влезе во преговори за состав на новата влада.

За владејачката СДСМ, новиот ИК е „скроен“ од бегалецот Никола Груевски, во обид да го зачува на позицијата Мицкоски и да му ја спаси фотелјата во „белиот дворец“.
„Секоја демократска партија е нормално да одржи Конгрес после избори, само Мицкоски се плаши од сопствените членови, како и од граѓаните. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата предводена од докажаниот губитник Христијан Мицкоски нема капацитет да се реформира“, велат од „Бихаќка“.
За промените во „белата палата“ Петар Богојески од Македонски концепт вели дека новите членовите на ИК се личен избор на Мицкоски, избрани без никаква демократска процедура, па од тука и ништо ново во партијата од „старото време“.

– Никој за ништо не ги есапи чесните и посветени членови на ВМРО-ДПМНЕ: Изборите за жал донесоа старо-нова Влада и старо-нова опозиција! Ништо ново и позитивно нема да донесе фалсификуван Конгрес со повторно исти делегати. По мене, од таа битка ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со минимум две партии или можеби и четири. Тоа им одговара само на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ треба да се РЕДЕФИНИРА од партија, која за време на Груевски прерасна во движење, сега не е можно да се врати на статус нормална партија, мора да биде Унија која ќе ги обединува различностите. Ако сака да опстои, во спротивно ќе пропадне. Значи редефинирање и демократизирање под итно!, вели Богојески.

Тој смета дека Мицкоски го има изгубено кредибилитетот не само кај членството на ВМРО ДПМНЕ, туку и во очите на најблиските подржувачи и соработници.

-Ако има желба да продолжи да биде лидер на партијата, треба да спроведе непосредни избори на кутии по сите ОК, на кои ќе гласаат сите членови на партијата, па ако го изберат, нека е со среќа. На ВМРО-ДПМНЕ и треба лидер како Али Ахмети. Аскет, со морална димензија во себе, кој ќе ја чувствува Организицијата, ќе се заколни на Каузата и ќе го продолжи Делото. Христијан е социјалист, оддаден на телесни задоволства, тој нема врска со ВМРО, коментира Богојески.

Според Ивица Коневски, поранешен градоначланик на Аеродром и дел од Иницијативниот одбор за промена на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски е најголемиот проблем на партијата, како и дека поради неговата политика се случиле изборните порази.

-Тој нема легитимитет да остане на чело на партијата, што побргу си замине тоа е подобро. Мандатот на членовите на Централниот Комитет е истечен, во моментов единствен легитимен орган на партијата е вонредниот конгрес. Очекувам до крајот на годината членовите на конгресот кој му ја дадоа довербата во 2017 година да го разрешат од местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ, вели Коневски.

Смета дека во партијата има многу квалитетни личности кои би ја воделе многу подобро.

-Има многу квалитетни личности кои би ја воделе партијата подобро од Мицкоски, сепак делегатите на еден демократски начин ќе имаат можност да изберат на кого да му ја дадат довербата, вели Коневски.

На прашањето дали себеси се гледа како иден претседател на ВМРО-ДПМНЕ , тој вели дека засега нема таква амбиција.

За Игор Есмеров, поранешен амбасадор на земјава во Унгарија и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во новиот состав има угледни граѓани и општествено истакнати личности, со сопствен интегритет и силен интелектуален капацитет. Но, ако се има предвид дека маневарскиот простор на Мицкоски е релативно стеснет, смета тој, не било воопшто лесно да се најдат квалитетни кадри.

Додава и дека голем број членови одбиле да бидат дел од новиот ИК.

– Емпириски гледано, многу е полесно да изберете квалитетни кадри од партиското членство кое броеше 147.000 во 2017-та, одколку сега, кога партиското членство е сведено на 47.000 члена. Моите информации од внатре, говорат дека околу 200 истакнати членови ја одбиле понудата на Мицкоски да бидат дел од новиот состав на Извршниот комитет и со тоа испратиле јасна порака до него. Колку ја разбрал, дали ја разбрал и зошто не ја разбрал оваа јасна порака не знам, но во многу брзо време ќе треба некој математички прецизно да пресмета како тоа ќе се рефлектира на следните Локални избори, на кои партијата треба да изнедри многу квалитетни кандидати, вели Есмеров.

За можноста на Мицкоски да го заврши мандатот до крајот на 2021-ва, и да биде дел од Локалните избори, Есмеров смета дека неговите „поправни испити може да се движат во недоглед“, а „неговото инаетење ќе предизвика штета“.

-Мицкоски може да оди на поправен испит на Локалните избори во 2021-ва, па да оди на поправен испит на следните парламентарни избори, кои ќе се поклопат со претседателските избори итн, итн, итн. Ама тоа може да го направи доколку партијата ја има добиено во семејно наследство. Од ваквиот начин на упорно инаетење, што е спротивно на сите демократски принципи, ќе имаме штета сите ние, но на крајот најголемата штета ќе ја плати самиот тој. Во моментов Мицкоски има 3 можности доколку сака да си замине со чесен пристап и дигната глава, а тоа е да си замине во понеделник, вторник или среда со поднесување на неотповиклива оставка, во спротивно ќе си замине посрамотен и со наведнато чело, вели поранешниот амбасадор.

Смета дека Мицкоски треба да си замине додека се уште е „вратата подотворена“, бидејќи еден ден таа врата ќе се затвори и нема да може „никој да излезе без да го плати сопствениот излезен билет, кој во тие моменти ќе биде премногу скап“.

– Христијан Мицкоски во моментов е легален, но повеќе не е ЛЕГИТИМЕН претседател на ВМРО. Имам впечаток дека се наоѓаме во една Дејвид Линчовска Кружница на Театралноста, а во која „подршката“, која нелегитимниов ја добива од структурите на ВМРО-ДПМНЕ се сведува на тоа дека Извршниот комитет ги избира членовите на Централниот комитет, а членовите на Централниот комитет ги избираат членовите на Извршниот комитет, а сите нив заедно ги предлага Мицкоски, човекот кој ги изгуби сите одржани и неодржани, а планирани изборни циклуси, вели Есмеров.

Лично се залага за мирна разрешница на партиска криза, која би се случила преку едно демократско изјаснување на вонреден конгрес со истиот состав на делегати од претходниот конгрес, на кој би имал право, но и обврска да си ја потврди сопствената подршка и доверба и Христијан Мицкоски, но и секој оној кој се чувствува способен и кој ги исполнува кртитериумите определени со партискиот статут.

– Секое друго сценарио ќе води кон нови поделби, одалечување од демократските принципи, губење на меѓународната почит кон партијата и дефинитивен раскол, од кој сите ќе изгубиме, но најмногу ќе изгуби токму Мицкоски, бидејќи токму Мицкоски е тој кој ги верификува сите политички утки на СДСМ и Зоран Заев со тоа што ги изгуби сите можни избори на кои учествуваше и од позицијата на Генерален секретар, и како носител на листа, и како Претседател на партија. Факт е дека и покрај катастрофалните политики на СДСМ, таквото катастрофално владеење добива дополнителна верификација после секоја нивна победа и после секој наш пораз, смета тој.

Посочи и дека новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да биде некоја личност која ќе има одредени карактеристики од Груевски и Георгиевски.

– Новиот Председател на ВМРО треба да биде партиски обединител каков што беше Никола Груевски, да ги познава меѓународните текови, светската геостратегија и историските вистини каков што беше Љубчо Георгиевски и да го нема несериозниот пристап кон вистината и лагата на Христијан Мицкоски, особено во правец на создавање пријателства и коалиции, кон надвор, но и кон внатре. Јас во моментов не размислувам за тоа, но имам желба и ќе се борам да го видам ВМРО повторно силно, обединето, гордо и со високо кренато глава како ја води оваа држава, објаснува Есмеров.

Б.М./ Локално.мк