26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Винил хлоридот од ОХИС е преточен во нова цистерна, во октомври заминува за Германија

Винил хлоридот мономер, историски отпад од некогашниот хемиски гигант ОХИС, е целосно преточен во нова цистерна и подготвен да замине на уништување во инсенератор во Германија.

Опасната хемикалија, кој неколку децении стоеше во стара цистерна под притисок на почетокот на месецов ја преточи тим од компанијата „Куриум“ од Франција, под надзор и со техничка поддршка на компанијата „Екоцентар 97“, која во рамките на „Проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД “ОХИС” Скопје”, на уништување ќе испрати 11 опасни хемикалии. Со ова целосно се заврши преточувањето на околу 13 тони винил хлорид мономер од стара вагонска во нова цистерна, во која ќе биде ивршен и транспортот до инсенераторот во Германија.

„Работните активности траеја девет дена, во една или две смени во зависност динамичкиот план. За преточувањето беше користена најсовремена опрема донесена од Франција која што секојдневно се тестираше и инертизираше со азот пред да се употреби, со цел винил хлоридот да не дојде во контакт со кислород и да се избегнат несакани последици по здравјето на луѓето или по околината“, велат од „Екоцентар 97“.

Преточувањето на опасната хемикалија се одвиваше во три фази, преточување на течна фаза, преточување на гасна фаза и целосна инертизација на старата вагонска цистерна во која што беше складиран винил хлорид, за да се елиминираат сите остатоци. Експерите од Франција во текот на преточувањето континуирано го мерења притисокот во цистерните, како и концентрацијата на винил хлорид во воздухот непосредно до вагонската цистерна и до сите вентили, со детектори за гас и експлозиометар, кои, информираат од компанијата, покажуваа нула проценти притисок и експлозивност.

„Во текот на преточувањето не беа испуштени штетни гасови во околината. По завршување на процесот беа отворени сите вентили и челниот отвор на старата вагонска цистерна и експертскиот тим на Куриум повторно ги измери величините за токсични гасови и експлозивност непосредно до вентилите на вагонската цистерна и констатираа дека нема присуство на винил хлорид во воздухот, што е знак за комплетно преточување и успешно инертизација“, велат во „Екоцентар 97“.

Посочуваат дека и по завршувањето на процесот, притисокот во новата цистерна секојдневно се следи. Вредностите варираат помеѓу 4.5 и 5 бари, во зависност од дневната температура а со оглед на тоа што цистерната е тестирана на 25 бари, експертите од Куриум констатирле дека е безбедна и нема потреба од ладење. Новата и старата цистерна и понатаму ќе останат под 24-часовно обезбедување се додека отпадот не биде извезен. Старата цистерна е сопственост на ОХИС и ќе биде вратена во владение на стечајниот управник.

Процесот на преточување на историскиот отпад го контролираше и Државниот инспекторат за животна средина, како и експерти за безбедност и здравје при работа, а надзор на процесот беше консултантската куќа „Екомозаик“ и претставник на АД Охис во стечај.

Поголемиот дел од опасниот отпад од ОХИС е веќе извезен на безбедно уништување. Освен винил хлоридот, остануваат околу 10 тони различен отпад спакуван во АДР амбалажа, соодветна за меѓународен транспорт и складирана во магацин во дворот на ОХИС.

извор Мета