Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на денешната прва, конститутивна седница, им го честиташе изборот на членовите на Владата и им посака успех во реализацијата на Програмата за работа на Владата во периодот од 2020 до 2024 година.
На оваа конститутивна седница беа определени замениците на претседателот на Владата и тоа Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, кој ќе биде и прв заменик претседател на Владата, Љупчо Николовски – заменик претседател за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Фатмир Битиќи – за заменик претседател на Владата за економски прашања и за координација со економските ресори и Никола Димитров за заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања.
На денешната седница беа именувани претседателите и членови на основните комисии на Владата на Република Северна Македонија.
За претседател на Комисијата за економски систем и тековна економска политика е именуван заменик претседателот на Владата за економски прашања и за координација со економските ресори Фатмир Битиќи, а со комисијата ќе копретседава и министерот за финансии Фатмир Бесими. За претседател на Комисијата за политички систем е именуван министерот за политички систем и односи меѓу заедниците и прв вицепремиер на Владата, Артан Груби, а за претседател на Комисијата за човечки ресурси е именуван Љупчо Николовски, заменик претседател за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси.
Владата денеска, на предлог на Министерството за образование и наука, ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година и го усвои Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта.
Согласно Планот за одржување на наставата, Владата ги усвои Протоколите за постапување на основните училишта и средните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година, како и Алгоритамот за постапување во училиштата во случај на појава на ученик со симптоми, сомнителен/позитивен на КОВИД-19.
За членови на Kомисијата за разгледување поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање настава со физичко присуство, Владата ги назначи Елена Ивановска од Министерство за образование и наука, Ѓорги Тасев од Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и прим. д-р. Гордана Кузмановска од Министерство за здравство.
На оваа своја седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за повторно отворање на установите за згрижување и воспитание на деца -детски градинки / центри за ран детски развој за време на пандемија КОВИД-19, кое е планирано да отпочне од 9 септември 2020 година, а до тогаш градинките се должни да се подготват за работа.
Согласно заклучоците за ова прашање, Владата им препорачува на сите единици на локална самоуправа кои се основачи на јавните установите за згрижување и воспитание деца да обезбедат дополнителен простор или адаптираат соодветен простор за потребите на градинките доколку градинката има потреба за згрижување на деца согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, како и да обезбедат потребен соодветен кадар за временски период до траењето на епидемијата со КОВИД-19, доколку градинката има потреба по итни и неодложни работи за непречено функционирање.
Владата на Република Северна Македонија на својата прва седница одржана денеска донесе одлука да му препорачува на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изградениот градежен објект што се наоѓа пред ТЦ „Мавровка“ КП 8891/3, според имотен лист бр. 110092, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.
Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти.
По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката.
На денешната седница Владата ја разгледа и прифати информацијата за поднесување предлог проект Подготовка на техничка документација на ниво на основен проект за изградба на наплатна станица на автопатска делница Граничен премин Блаце – Скопје (клучка Стенковец) во рамки на 24-тиот повик за техничка помош од Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија.
Владата денеска донесе одлука да го продолжи рокот за постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река до 18 декември 2020 година, наместо до 18 септември 2020 година, заради мерките за спречување на експанзија на овој коронавирусот. Дополнително членовите на Владата беа информирани дека до сега 57 компании имаат подигнато документација за учество во претквалификација како потенцијални понудувачи.