Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ цело време зборуваше за „топ-шоп влада“, на што Заев му одговори дека, всушност имаме „дормео-опозиција“, која ги преспала сите важни прцеси во државата во изминатите три години, пишува 360 степени.мк.
Подгответе се за политички пекол, ѝ се закани генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на идната влада, во својот нервозен настап на денешното продолжение на 10 собраниска седница, притоа нарекувајќи го цело време Зоран Заев „топ-шоп премиер“ и критикувајќи ги предлозите за нови министри.
Завршувајќи го своето обраќање, Јанушев удираше врз говорницата во собраниската сала, за што заработи силен аплауз од сопартијците, но и опомена од спикерот Талат Џафери.
Јанушев ја обвини Радмила Шеќеринска дека дозволила целата Армија да се зарази со коронавирус, за Венко Филипче рече дека сите тендери му биле скандалозни, за Љупчо Николовски дека го упропастил земјоделството, па се повлекол од министерската функција…
Мандатарот Заев веднаш реплицираше, посочувајќи дека немаме „топ-шоп“ влада, туку „дормео-опозиција“, која ги преспала сите важни процеси во државата во изминатите три години.
„ Нема повеќе пари од ЈСП, го нема ниту Орце Камчев да ви дава пари. Знам дека е тешко да се помирите дека останувате во опозиција уште четири години. Имате право на фрустрации и лични комплекси. Секој ден по некој од партијата ви бара одговорност за изборниот пораз. Ама ќе мора да се помирите дека ние победивме“,
рече Заев.
Дамјан Манчевски од СДСМ реплицираше дека вакво одесување, со викање и удирање во маса е препоснатливо за Јанушев и кога не е на говорница.
Во одбрана на Јанушев застана Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. Таа, во процедуралана дискусија, му забележа на Џафери затоа што се заканувал дека ќе го исклучи Јанушев од расправата доколку продолжи да се однесува агресивно и затоа што дозволил Заев да критикува пратеници, иако се бира влада на СДСМ, а не на ВМРО-ДПМНЕ.
Џафери, пак, посочи на собранискииот Деловник и на новиот Етички кодедекс на парламентот, посочувајќи дека постои можност спикерот да исклучи пратеник кој се однесува несоодветно во салата.
На забелешката на Димитар Апасиев од Левица, кој посочувајќи примери од британскиот парламент, тврдеше дека не смее да им се ограничува слободата на изразување на пратениците и дека во секој парламент има удирања по маса, Џафери одговори иронично: „Па, во многу парламенти има и тепање, па ајде да се испотепаме и тука“, пренесе 360 степени.