Македонска Каменица, 28.08.2020 – И покрај предизвиците и ограничувањата што ги наметна пандемијата од Ковид-19, најголемиот рудник во земјата – САСА, на соодветен и достоен начин го одбележува 28. Август – Денот на рударите.
По повод годинешниот празник на македонските рудари, менаџментот на Рудник САСА обезбеди парични награди и пригодни подароци за сите свои вработени, како признание за нивното залагање и посветеност во работата. Дополнително, на 127 вработени им се доделени и специјални парични награди и признанија за нивниот особен придонес во одржување на високиот степен на безбедност и здравјето при работа, како и во остварувањето на производствените планови.
Во чест на годинешното одбележување на Денот на рударите, кој воедно е и патронен празник на Македонска Каменица, САСА обезбеди финансиска поддршка за предвидените активности за одбележување на годинешниот празник, што ги организира општината Македонска Каменица, а кои оваа година се спроведуваат согласно пропишаните мерки и протоколи за заштита од Ковид-19. Исто така, САСА донираше финансиски средства за набавка и инсталација на нови трибини за спортската сала во основното училиште „Кирил и Методиј“.
„И покрај сите предизвици што ги наметна актуелната пандемија, тимот на рудникот САСА, подржан од неговите инвеститори – Централ Азија Металс и од пошироката заедница, покажа дека рудникот може да продолжи да произведува олово и цинк безбедно и во согласност со плановите за производство, задржувајќи го фокусот на инвестициите во современа технологија, во безбедноста и благосостојба на вработените, заштитата на животната средина, како и во долгорочниот просперитет на заедницата“, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Олег Телној.
Инаку, по повод празникот, рудникот САСА го посетија мандатарот Зоран Заев, придружуван од идните министри Мила Царовска, Јагода Шахпаска, Венко Филипче и Љупчо Николовски. На средбата со претставниците на менаџерскиот тим на САСА, идниот премиер и министрите се запознаа со активностите и вложувањата на компанијата во сите сегменти од работењето, како и со плановите за идниот одржлив развој на најголемата рударска компанија во земјава.
„Ни претставува големо задоволство посетата на господинот Заев и членовите на новата Влада на САСА. Сметаме дека оваа посета покажува дека развојот на одговорното и одржливо рударство и понатаму ќе биде во фокусот на Владата. Поддршката на нашата рударска индустрија е особено важна за локалниот социјално-економски развој, како и за развојот на целата земја“, потенцираше генералниот директор на САСА, Олег Телној, кој заедно со мандатарот и членовите на новата Влада, упати честитки за празникот до сите вработени во САСА, како и до сите рудари и целата рударска индустрија, посакувајќи им добро здравје, среќа и многу натамошни успеси.