23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНОТОП ВЕСТИ

Шилегов: Солидарноста го издигна Скопје од урнатините, наша обврска е да го спасиме од проектот 2014

Со изложбата „Скопска алеја на меѓународната солидарност“, во организација на Музејот на град Скопје, се одбележа 57-годишнината од катастрофалниот земјотрес што со својата уривачка сила во 1963 година го претвори Скопје во урнатина и голем број граѓани ги остави без своите домови.

Изложбата се одржа во Градскиот парк, а пред присутните се обрати и градоначалникот Петре Шилегов кој порача дека мора да се сочува и негува наследството од обновата на градот, кој од урнатините повторно изникнал како град на солидарноста.

„Годинава ќе заврши процедурата за враќање на старите имиња на повеќе скопски улици, меѓу кои е и Мексичка, за да не се заборави светската солидарност која одново го издигна нашето Скопје од урнатините. Не смееме да дозволиме Скопје 2014 да продолжи да го уништува она што остана неуништено во нашиот град. Заради ова е важно и да нема нови градби од типот на Шпанските скали. На Скопје му требаат нови паркови и нови зелени површини, околу ова прашање сите се согласуваме. Ние, сегашните жители на Скопје ќе продолжиме да градиме мостови, паркови, булевари и ќе продолжиме да се грижиме и да го сакаме Скопје, затоа што ова е нашиот дом, нашиот најубав град“, порача градоначалникот пред присутните.

Oдбележувањето на годишнината од катастрофалниот земјотрес ќе продолжи утре со положување цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел, а во паркот на МКЦ ќе се одржи мултимедијалниот настан „МКЦ за Скопје“ со богата вечерна програма.

Традиционално во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ се одржа крводарителска акција.