25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Очекувам граѓаните преку својот глас да дадат правец за следните 4 години, да продолжиме напред, по правиот, вистинскиот пат

Изјава по гласање на претседателот на СДСМ и носител на кандидатската листа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ во ИЕ 4, Зоран Заев

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

Денеска во мојата Струмица го остварив своето право на глас, секако почитувајќи ги сите безбедносни протоколи со што го заштитив моето здравје, здравјето на избирачкиот одбор, а го исполнив и моето гласачко право и обврска.

Државните институции навистина покажаа капацитет да организираат вака специфични избори со почитување на сите здравствени протоколи, што треба да биде сериозно охрабрување за граѓаните да излезат во максимален број и да дадат правец на државата, преку својот глас и својата определба за да продолжиме напред по патот по кој чекориме.

Навистина овие се поразлични избори од другите избори, но не се помалку важни. Со резултатот од овие избори ќе знаеме на која позиција, како ќе успееме за следните 4 години, како ќе биде животот на граѓаните за 4 години. Од денешната одлука на граѓаните зависи кој ќе води грижа за здравјето на граѓаните, кој ќе ги отвора и затвора поглавјата со ЕУ, но уште поважно кој ќе се грижи за економскиот раст и развој на сите граѓани во Република Северна Македонија.

Верувам дека преку нашата позитивна и промотивна кампања успеавме да ги осигуриме и убедиме граѓаните дека коалицијата предводена од СДСМ е таа што ја очекува најголемата поддршка.

Голема е честа и одговорноста предавањето на гласот од граѓаните за следниот период којшто е пред нас, верувам дека таа чест и одговорност ќе ја употребиме максимално во интерес на граѓаните.
Таа чест и одговорност, посебно во времето во коешто живееме, е неповторлива шанса бидејќи се отворени сите патишта за нашата земја.
Нека ни е со среќа на сите, верувам дека денешниот ден ќе донесе заеднички успех на сите во државата.