Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Филипче: Комплетно е реновирана Службата за итна помош во Здравствениот дом во Велес

Во Здравствен дом Велес, во изминатите три години, се извршени реконструктивни зафати во вредност над 10 милиони денари, со кои значително се унапредени условите за третман на пациентите од овој регион, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

„Извршена е комплетна реконструкција на службата за Итна медицинска помош, во рамки на оваа јавна здравствена установа, во вкупна вредност од 3.6 милиони денари, со сопствени средства на установата. Во делот на инфраструктурните зафати извршена е и комплетна замена на вратите, како и реконструкција на кровот на Здравствениот дом“, рече министерот.

Изминатиот период во Здравствен дом Велес, додаде Филипче, се реализирани инвестиции, меѓу кои: набавка на нови ЕКГ апарати, спирометар, хидрауличен лифт, две нови амбулантни возила, како и друга медицинска и канцелариска опрема и мебел.

Филипче, исто така, кажа дека со цел кадровско доекипирање на установата, во изминатите три години се реализирани вкупно 16 нови вработувања, од кои пет доктори на медицина, четири медицински сестри, стоматолог, логопед, дефектолог, возачи и хигиеничари.

Во моментот, двајца доктори од Здравствен дом Велес се на специјализација од областа вонболничка педијатрија, а еден доктор во областа медицина на трудот, со што во претстојниот период дополнително ќе бидат зајакнати овие специјалистички дејности во установата.

loading…