Изјава за медиуми, Зоран Заев, претседател на СДСМ и носител во ИЕ 4/Интегрално:
Почитувани граѓани,
Имав чест денеска да ја посетам тераписката заедница Покров во с.Водоча, Струмичко која се занимава со социјално претприемништво и рехабилитација и ресоцијализација на лица кои биле зависници од употреба на наркотични средства, алкохол и други психотропни супстанци.
Луѓето кои што се дел од програмата на Покров произведуваат домашна вкусна органска храна и преку оваа програма се интегрираат полесно во општеството. Повторно се активни, работат, имаат некаква корисна цел за себе и општеството во кое живеат!
Покров е еден светол пример на социјално претприемништво кој треба да се следи бидејќи овозможува позитивни општествени промени и социјална инклузија на корисниците на оваа програма.
Во следниот четиригодишен мандат планираме силно да ги подржиме иницијативите за формирање на вакви социјални претпријатија со нов закон за поддршка на социјално претприемништво, со фокус на младите и жените, и со отворање на три центри за поддршка на социјални претпријатија.
Производството на квалитетни македонски земјоделски производи коишто произлегуваат од Покров е промоција на нашиот земјоделски потенцијал во струмичкиот регион кој уште посилно ќе го впрегнеме да биде еден од главните мотори на новата македонска економија.
Од овде сакам да упатам еден апел до нашите граѓани, да купуваат домашни производи особено сега повеќе од било кога, бидејќи на таков начин ја помагаат домашната економија и ги помагаат нашите вредни производители на македонски производи и на македонска квалитетна храна.
Државата го препозна тој потенцијал како важен за закрепнување на економијата, со поддршка за пораст на личната потрошувачка. Преку третиот пакет на мерки пуштивме во оптег 355 милиони евра на 730.000 корисници, преку платежни картички, ваучери, поддршка за младите и студентите, и други мерки.
Овие пари преку платежните картички и ваучерите ќе завршат во македонските компании и бизниси и ќе им помогнат да ги зачуваат работните места, да ја надминат кризата и повторно да се насочат кон раст, отворање на нови работни места и пораст на платите на своите вработени.
Да бидеме тука едни за други и кога е криза и кога не е! Да купуваме домашни македонски производи и да бидеме сите активни учесници во новата македонска економија која ќе ни овозможи подобар животен стандард на сите!