Секогаш во средиштето на збиднувањата...

(Видео) Бачев: Граѓаните да одолеат на сите поткупи и уцени зашто моќта за промена е во нивни раце

Со голема загриженост слушаме за масовен поткуп на гласачи во пресрет на изборите на 15 јули, а со уште поголема загриженост ги примаме и најавите за неизлегување на изборите на еден дел на народот поради здравствената криза, изјави Јанко Бачев, лидерот на Единствена Македонија, парија која е дел од коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“.


„Природно и уставно право на народот е да управува со државата преку избори и да ја насочува нејзината иднина, но неизлегувањето на изборите оди во прилог на власта. Тие што сега владеат, тоа и го сакаат, мала излезност“, рече Бачев.

Тој ги повика граѓаните да одолеат на сите заплашувања, поткупи и уцени во пресрет на изборите бидејќи, како што рече, деновите на оваа власт се одбројани.

„Ако се обидат да ве поткупат со пари или со продукти, не одбивајте ги, земете сè што ќе ви дадат, тоа е од вашите пари кои со години ви ги крадеа. Ако се обидат со вработување да ве придобијат, не одбивајте ги, вработете се, но знајте дека тоа е ваше уставно и законско право кое ви припаѓа вам. Тоа не го прават заради вас, туку пред сè заради себе, за да можат и понатаму да владеат, да ја ограбуваат и да ја рушат Македонија“, порача Бачев и додаде дека најважно од сè е граѓаните да ги соочуваат духот и човечкото достоинство кога ќе застанат пред гласачкото ливче.

„Ве повикувам, почитувани избирачи, масовно да излезете на изборите на 15 јули. Ние ќе се бориме со вас и од вашата волја зависи дали ќе успееме. Единствена Македонија и коалицијата ‘Никогаш северна, само Македонија’ ја бара првата шанса на изборите, а тоа може да биде и последната шанса за Македонија“, порача партискиот лидер.