17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
МАКЕДОНИЈА

Пазарните инспектори со финансиската полиција ќе ги контролираат угостителските објекти

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција информира за инспекциските надзори направени од страна на шест инспекторати во периодот од 4 до 9 јуни, а кои се однесуваат на мерките и препораките за заштита од Ковид-19.

Филиповска-Грашкоска потсети дека Владата на 63. седница во врска со спречување внесување и ширење на Ковид-19, одржана пред два дена, на 9 јуни, заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовските општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број новозаразени граѓани.

„Тоа значи дека инспекциските служби имаат и ќе продолжат со интензивни активности во овие најпогодени подрачја, но исто така нема да се занемарат и сите други населени места, општини и градови. Многу е важно стопанствениците максимално да ги почитуваат донесените протоколи за работа, а уште поважна е свесноста на граѓаните, кои исто така треба да реагираат во случај на детектирање непочитување на протоколите на правните лица, но и да ги применуваат мерките за самозаштита: носење маска и евентуално ракавици, држење дистанца од 1,5 до 2 метра, како и редуцирање на непотребните социјални контакти“, рече Фипиповска-Грашкоска.

Таа рече дека во овие денови реализирани се вкупно 4.194 вонредни инспекциски надзори во врска со одлуките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот. Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршија 3.154 контроли, од кои најголемиот број, односно 2.574, се инспекции поврзани со почитување на протоколите за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, а другите се однесуваат на проверка на почитувањето на уредбата за замрзнатите цени на определени производи и поставување ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите.

„Од специфичните наоди при извршените контроли во трговски објекти на големо и мало, угостителски објекти, бензински станици, банки, пошти и обложувачници, инспекторите детектирале вкупно 15 прекршувања на протоколите за отворање и работа на угостители за што се предложени и соодветни кривични санкции за четири објекти во Струмица и Дојран, за четири објекти во Охрид, два објекта во Гостивар, по еден објект во Битола, Струга, Пониква, Маврово и во Прилеп. Воедно, констатирани се и вкупно 20 прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, при што им е укажано на правните лица и веднаш е постапено“, посочи претседателката на Инспекцискиот совет.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, додаде дека од денеска во засилена контрола на почитувањето на протоколите од страна на кафетериите и угостителските објекти, на инспекторите од ДПИ ќе им се придружат и инспектори од финансиската полиција, кои имаат право да легитимираат лица, кои подоцна би можеле да бидат и сведоци во поведени кривични постапки во случај на прекршување на протоколите.

„Државниот инспекторат за труд реализира вкупно 586 контроли кај работодавци, во кои се вработени 8.300 лица. За периодот од 4 до 9 јуни од страна на овој Инспекторат донесени се 11 решенија и 35 укажувања на работодавците за носење заштитни маски, заштитни ракавици, користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените од ризичните групи. При контролите утврдено е дека работодавците во согласност со препораките од работни задачи ослободиле над 120 лица по основ на грижа за деца под 10 години, 40-ина лица по основ на хронична болест и 35 бремени жени“, рече Филиповска-Грашкоска.

Претседателката на Инспекцискиот совет ги презентира и наодите од инспекциските надзори извршени од Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД.

„Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 167 надзори, притоа е издаден еден платен налог поради пуштање во промет брашно без извршена претходна анализа, донесени се вкупно 10 решенија за подобрување на хигиената во објектите и спроведување мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и 14 казнени мерки едукации поради тоа што не се воспоставени и имплементирани процедури за добра хигиенска пракса, лоша општа хигиена во објектите и за нередовно водење записи за дезинфекција и следење на температурата во разладните уреди. Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 4 до 9 јуни направи вкупно 151 надзор, при што забележа вкупно 17 прекршувања на уредбите и протоколите, и тоа 12 прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз, кој се врши за вработените во правни лица во општина Штип, и уште четири прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз, кој се врши за вработените во правни лица во Миладиновце, како и еден прекршок кај посебен меѓуопштински линиски превоз, кој се врши за вработените во правни лица во Велес. Државниот здравствен и санитарен инспекторат спроведе вкупно 110 надзори во субјекти во своја надлежност. Исто така, во овој период од ДСЗИ издадени се 173 дозволи на транспортери професионални возачи, а во овие неколку дена ДСЗИ издаде и 560 решенија за лица што го напуштиле државниот карантин (со негативен PCR-тест) и се упатени во домашна изолација, што е значително олеснување за нашите граѓани. Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 26 контроли“, посочи Филиповска-Грашкоска.

Таа нагласи дека инспекциските служби ќе продолжат да функционираат со полн капацитет за заштита на населението од ширење на овој опасен вирус, но и за заштита на правата на секој граѓанин.

„Јас сакам да верувам дека стопанствениците и граѓаните ги почитуваат и ќе продолжат да ги почитуваат донесените мерки, но, верувајте, доколку се утврдат недоследности во спроведувањето на мерките, сакам да потенцирам дека инспекторите ќе бидат строги во контролите и ќе следува соодветна санкција за сите што ќе се осмелат да ги прекршат“, заврши претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Спонзорирано: