Мартин Нешковски беше момчето кое што беше брутално ликвидирано во 2011 година, денот кога режимот на Никола Груевски во центарот на Скопје ја славеше тесната победа. Момчето беше ликвидирано од полицаец, а според прислушкувани разговори се откри и дека имало обид да се скрие убиството.
Овој случај стана предмет на работа на СЈО бидејќи убиството на Мартин Нешковски беше дел од прислушуваните разговори што лидерот на СДСМ, сега премиер, Зоран Заев, ги објави во текот на 2015 година.
Од „29. бомба“ што Заев ја објави на 5 мај пред во 2015-та, се појавија индиции и сомневања дека тогашното раководство на Министерството за внатрешни работи и вработени во МВР, меѓу кои и поранешниот личен телохранител на тогашниот премиер Никола Груевски, се обиделе да го сокријат убиството на Нешковски од јавноста.
– Еве уште една вистина дека ни загубен живот нема никаква цена за власта (на ВМРО-ДПМНЕ) и како некој сакаше да ја скрие вистината за Мартин Нешковски – рече Заев при објавувањето на „бомбата“, а по што илјадници граѓани излегоа на протест пред Владата и дојдоа во судир со полицијата, која подоцна, до доцна вечерта приведуваше демонстрантите по уличките во центарот на Скопје, а упадна и во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Денеска е деветгодишнина и од апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, во акцијата „Кампања“, уште еден случај за кој СЈО отвори истрага под името „Тортура“. Во овој случај осомничени беа седум лица, припадници на полициската едница „Алфа“, меѓу кои и командантот на единицата. Тие се товарат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
Инаку, Бошковски за случајот „Кампања“, односно за нелегално финансирање изборна кампања, беше осуден на пет години затвор. Тој ја отслужи казната и излезе од затвор. Деновиве европскиот суд за човекови права одлучи дека на Љубе Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење


