Усвоен третиот пакет економски мерки за нова развојна македонска економија, стимулирање на потрошувачката и промоција на домашната понуда; Министерството за финансии е задолжено да понуди решенија за справување со нелегалното приредување на игри на среќа од страна на странски приредувачи; Во соработка со Зелениот климатски фонд ќе се реализира проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор, се дел од одлуките на денешната 54-та владина седница.
Владата на Република Северна Македонија на денешната 54-та седница го разгледа и усвои третиот пакет економски мерки за заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството во услови на КОВИД-19.
Ова се мерки за нова, развојна македонска економија, преку кои ќе ја зголемиме потрошувачката и ќе стимулираме заштита, промоција и раст на домашната економска а со што ќе ја зголемиме и нашата конкурентност, и во регионот и пошироко.
Третиот пакет содржи краткорочни и среднорочни мерки за ревитализација на нашата економија и заедно со ефектите од мерките првите два пакета, создаваат услови за динамичен раст и нова развојна македонска економија.
Предлог мерките се систематизирани во 3 главни столбови:
1. Платежни картички за граѓаните – за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности;
2. Директна поддршка на македонското стопанство – иновативност и развој за зачувување на постојните и за нови работни места
3. Поддршка за земјоделците – нови приходи од плодната македонска земја.
Владата денеска ја донесе Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба за да се овозможи зајакнување на сигурноста и одржливоста при поддршката на компаниите кои претрпеле штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење коронавирусот КОВИД-19 на Владата на Република Северна Македонија, со што пресметувањето и наплатувањето на воведената помала камата за 50%, односно каматата во висина од 0,015% за секој ден задоцнување ќе се применува и 60 дена по престанување на траењето на вонредната состојба во Република Северна Македонија.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на денешната седница е донесена Уредба за изменување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година, со која корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања, поради состојбата со КОВИД-19 се прави измена во поднесувањето на барањата за подмерката за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко со што податоците ќе се преземаат директно од регистрираните откупувачи на сурово млеко, како и од регистрираните откупувачи на зелка, наместо сточарите и земјоделските работниците да одат во подрачните единици и да се изложуваат на ризик.
Владата денеска ги донесе и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за основното образование за време на вонредна состојба, Уредбата со законска сила за Законот за средното образование, и Уредбата со законска сила за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта за време на вонредна состојба, со кои се овозможува продолжување на работниот однос на административните службеници, помошно-техничките лица, и стручните соработници кои засновале работен однос во основните или средните училишта до денот на утврдување на постоење на вонредната состојба, без јавен оглас на определено време на работно место кое е испразнето по основ на пензионирање, боледување, отказ, смртен случај и преземање.
На седницата Владата ги донесе и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај за време на вонредна состојба со цел да се одложи спроведувањето на испитите кои се во надлежност на Министерството и да се продолжи рокот на важење на сертификатите на возачите кои вршат превоз на опасни материи.
Со цел да се продолжи рокот на важење на сертификатите на возачите кои учествуваат во меѓународниот патен сообраќај и да се одложи спроведувањето на јавниот оглас за одобрување на возни редови за нови линии или промена на возни редови на одобрени линии, на оваа седница е донесена Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата од издавање на писмо без приговор или no objection letter за Проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор, и ја овласти Заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за економски прашања и координација на економски ресори, Мила Царовска, како назначен претставник за комуникација со Зелениот климатски фонд- Focal Point, да го потпише писмото без приговор или no objection letter за Проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор во Република Северна Македонија, и во рок од една недела по усвојувањето на оваа Информација истото да го достави до Светската банка и Министерството за финансии.
Проектот има за цел да ја намали потрошувачката на енергија во јавниот сектор и да го поддржи развојот и имплементацијата на одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност во јавниот сектор. Проектот ги вклучува следните 3 компоненти:
Вкупниот износ на Проектот развиен од страна на Светската банка се очекува да достигне вредност од 64 милиони долари (УСД), од кои преку Зелениот климатски фонд се очекува потенцијално финансирање од 10 милиони УСД во вид на грант средства. Предложениот предлог- проект кој треба да обезбеди дополнителни средства во вид на грант од Зелениот климатски фонд ќе биде дел од Проектот за да помогне во зголемувањето на почетниот капитал и капацитет за воспоставување на Фондот за енергетска ефикасност во државата.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информација во врска со справување со нелегалното приредување на игри на среќа од страна на странски приредувачи на интернет игри на среќа на територијата на Република Северна Македонија.
На седницата Владата го задолжи Министерството за финансии да достави информација со предлог решенија како да се спречи одлевањето на паричните средства по основ на противзаконито учество на македонските граѓани во странските интернет игри на среќа, како да се спречи пристапот на македонските граѓани до наведените интернет страни на кои се организираат игри на среќа од страна на правни субјекти кои немаат соодветна лиценца согласно Законот и како да се следат паричните приливи до граѓаните стекнати по овој основ.
Заради ситуацијата со КОВИД-19, Владата на Република Северна Македонија ja одобри измената на рокот на поднесување на тендерската документација за првата фаза од постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија со која рокот за доставување на пријавите за учество во Конкурентен дијалог се продолжува до 10.08.2020 година.