24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Георгиевски: Моја обврска како градоначалник е да се грижам за состојбата во општината да биде стабилна, како и тоа да се почитуваат сите препораки и наредби

Вчера вечер во населеното место Синѓелиќ дојде до сериозно нарушување на полицискиот час, а поголема група на граѓани се собира на протест. Револтот кај граѓаните доаѓа по (дез)информациите кои се пуштени кај граѓаните дека при апсењето лицата биле физички нападнати. Претходно, во текот на вечерта полицијата уапсила три лица кои, според информациите кои ги добиле, го прекршиле полицискиот час. Истите се однесени во ПС Гази Баба, а според процедурата, по земените изјави и документирање на случајот, тие се пуштени да одат дома, изјави за „Слободен печат“ градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски.

– Сакам да нагласам дека моја обврска како градоначалник е да се грижам за состојбата во општината да биде стабилна, како и тоа да се почитуваат сите препораки и наредби кои во оваа вонредна состојба се пропишани. Ниту како човек, а уште помалку како градоначалник, имам намера да седам со скрстени раце доколку се случува било каква опасност на територијата на Гази Баба. И секогаш ќе бидам тука да се вклучам, да ги смирувам тензиите и да се погрижам да нема никакви прекршувања на редот, мирот или инциденти. И тоа го правам и ќе го правам секаде. И во Автокоманда, и во Сингелиќ, и во Инџиково, Керамидница, секаде каде што ќе биде потребно и е во интерес на граѓаните!

Токму затоа, моето присуство на синоќешниот протест беше со единствена цел со мојот авторитет и меѓусебна почит со сограѓаните, да се обидам да ја смирам состојбата да не ескалира во поголемо нарушување на јавниот ред и мир.

Сакам јасно да кажам дека како градоначалник ниту сум побарал, ниту пак можам, да ослободам било кое лице од притвор. Тоа е ингеренција на полицијата. Институциите ќе постапат согласно своите надлежности. Ова во својата изјава го потврди и министерот за внатрешни работи. Затоа сакам да повторам дека целата моја улога вчера беше во насока на превенција и во координација со МВР.

Жалам доколку некој мојата реакција ја сфатил во контекст дека јас лично вадам притворени, а не во насока дека единствената цел која ми била е да спречам поголем инцидент. Апелирам повторно до сите граѓани да не се шират вести кои не се точни, а можат да предизвикаат сериозно нарушување на јавниот ред и мир во општината – нагласува Георгиевски.