4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ССК: Баравме системски мерки за сите засегнати, а не делумна помош во криза

Соопштение на Сојузот на Стопански Комори:

Сојузот на стопански комори се оградува од мерките објавени во вториот сет од страна на Владата, со појаснување дека од наша страна се бараа системски мерки за сите засегнати микро, мали и средни претпријатија без оглед на дејноста а кои се засегнати од кризата. Наместо тоа со оваа делумна помош не се постигнува крајната цел, а тоа е да се сочува економијата и да се задржат работните лица особено за оние правни лица кои се најмали и незаштитени и на кои овие потреси ќе им го уништат целиот труд да се самовработат и да си ги издржуваат семејствата.
Би сакале да потенцираме дека воведување на системски мерки беше важно и тоа во економски пакет од страна на Владата по примерот на многу држави кои реално и вистински би ја подржале економската стабилност и работењето на домашните компании. Затоа ги предложивме на Економскиот совет и исто така и на писмено ги доставивме следните мерки за претприемачите и микро, малите и средни претпријатија погодени од кризата:
• Владата да одобри поддршка од 100% нето платата за следните 3 месеци
• Владата да ги покрие сите даноци и придонеси на платите за вработените за следните 3 месеци
• Правните лица кои се погодени од кризата да не плаќаат аконтација на данок на добивка во 2020 година
• Мораториум на сите казнени камати како и камати на задоцнето плаќање на обврски за следните 6 месеци
• Вработените кои припаѓаат на групата лекари, трговци и сите кои сега се најоптоварени и под ризик, од владата да им се исплати еднократен бонус
• По изминувањето на кризата да се изнајде соодветно решение како средствата да се вратат во буџетот согласно можностите на претпријатијата
За да овие мерки ги да дадат очекуваните резултати предложивме едноставни критериуми:

• Да не се дискриминира по дејност, секој кој е погоден од кризата потребно е да има еднаква можност да аплицира, доколку некој несовесно аплицирал средства, неправилности може да се бараат и истражуваат откако кризата ќе заврши
• Бидејќи до сега немаше употребливи мерки кои важат за сите правни лица, дел од нив одјавија вработени, не по своја желба или волја туку под притисок од страв за неликвидност и трупање долгови и обврски. Да се отстрани критериумот намален број на работници
• Да не се бара обемна документација, која институциите електронски можат да ја добават по службена должност. Со барање документи да се достават од УЈП, Централен регистар и други, правните и физичките лица се изложуваат во оваа криза на здравствен ризик од трчање по шалтери за издавање документи но и на непотребни трошоци во време и финансии (да се има во предвид дека голем број од нив особено микро и малите фирми, претприемачите и занаетчии немаат електронско банкарство ниту токени).

Владата објави два пакети на економски мерки кои се недоволни и кои нема да ги постигнат очекуваните резултати.

Од таа причина Сојузот на стопански комори ја информира јавноста дека се оградува од мерките кои ги донесе Владата и останува на нашите барања истакнати погоре. Исто така ССК објавува дека ќе продолжи да ги застапува оние на кои помош во моментов им е најмногу потребна и да предлага мерки за надминување на предизвиците, како и да бара алтернативни начини на помош.
Во меѓувреме секое претпријатие се препорачува да си превземе индивидуално деловно планирање за спас и за опстојување.

Сојузот на стопански комори на Македoнија потенцира дека спречувањето на ширењето вирусот беше и останува врвен приоритет. Над 99% од правните лица во Македонија се микро, мали и средни компании, тие доминантно се членови на Сојузот и ги почитуваат мерките кои се предвидени, а исто така и преземаат дополнителни активности, секој согласно своите можности за во прва линија да се заштити здравјето на луѓето, но и за да се постапи општествено одговорно и да се помогне на они кои се најмногу погодени од настаната криза.

Во таа насока би сакале да ја информираме јавноста дека:
• Групациите и секторските комори при ССК организираат акции на прибирање средства со кои се обезбедуваат хигиенски препарати, заштитни маски и ракавици, кои се донираат на ранливите категории
• Комората на сметковидители и нејзините членови се ставија на располагање на државните институции за про боно помош особено за анализа на флуктуациите во економијата и изготвување на акциски план.
• Туристичко Угостителската комора и нејзините членови обезбедува залихи со храна и оброци за лицата кои припаѓаат на ранливи категории, како и припадниците на органите на државната управа и медицинскиот персонал кои се изложени на најголем ризик а дел од хотелите ги отстапија своите капацитети за организирање на државен карантин
• Сојузот на стопански комори подготви Водич за приватен сектор за справување со Ковид -19, во кој на едно место може да се најдат сите процедури, насоки и прописи за намалување на ризикот од ширење на болеста како и мерките за кои може да се аплицира
Здравјето на граѓаните е најважно, но не смее да се дозволи да пропаднат одредени дејности и целото стопанство да се доведе во криза која може да има широки општествени импликации и која многумина многу лесно може да остави без никаков приход за преживување. Во таа насока Сојузот на стопански комори на Македонија активно работеше и на изготвување и предлагање на мерки за справување со економските последици од оваа криза преку следниве активности:
• Здружение на угостителството и туризмот при Стопанска комора на Македонија на 10 март 2020 година до Министерство за економија достави 10 предлог-мерки кои требаше ургентно да се преземат за се спречат последиците предизвикани од новонастанатата состојба во овој сектор,
• Сојузот на стопански комори на Македонија на 13 март 2020 година достави до Владата, Барање да се преземат итни и конкретни мерки, во чии рамки беа предложени 10 мерки,
• Сојузот на стопански комори во консултација со своите членови учествуваше и во подготовка на предлог мерки кои беа усогласени со другите стопански комори преку платформата за Јавно-приватен дијалог и на 16 март 2020 година беа доставени до Владата
• Се одржаа и неколку состаноци на Економско-социјален совет на кои аргументирано ги презентиравме предложените мерки пред претставниците на владата и ја потенциравме итноста и важноста на нивно донесување