27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

“Размислуваме за зголемување на полицискиот час”

Полицискиот час е нешто што се донесе зашто беа детектирани многу прекршувања на советите, на апелите, на забраните за групирање. Сведоци сме и знаеме дека се собираа групи на млади луѓе на Водно во вечерните часови, во околните места околу околината на Скопје, излетничките места. Многу луѓе ги напуштија домовите во Скопје за да се групираат во другите градови.

Ова во денешното гостување на емисијата Детектор го истакна министерот за здравство, Венко Филипче, појаснувајќи дека избегнувањето на мерките не служат за целта за која тие се наменети.

-Затоа е доведувањето на полицискиот час, за да се даде до знаење дека само рестрикцијата во движењето може да го спречи патот на ширење, рече Филипче.

Во однос на времетреањето на полицискиот час вели дека Владата има сет на мерки за дополнителна заштита на одредени групи и тие мерки утре ќе бидат официјализирани преку Комисијата за заразни болести.

-Ги имаме предвид двете најкритични граѓани. Прво свесни дека и во овој процес на воведување на полицискиот час треба да останат сите институции во функција со соодветни дозволи. Ќе работат сите кои имаат сменско работење, како производствените капацитети за храна, така и здравствените институции, полицијата, војската и на сите други на кои име е потребно такво сменско работење. Меѓутоа, и сега и во оваа фаза во исклучителен ризик се постарите граѓани. Тие се оние кои имаат хронично болести, рече Филипче додавајќи дека според досегашните податоци од секаде во светот, токму кај нив е најголема смртноста од Ковид-19 коронавирусот.

Појаснува дека за лицата над 65 години ќе бидат предложени дополнителни мерки за ограничување на движењето.

-Ќе биде предложено да има ограничување на движење на неколку часа во денот. Во утринските часови, доволно да се оди до продавница за потребните намирници, до аптека и за сѐ што е потребно да се набави. И исто, нешто што треба да се дискутира, а тоа е ограничување на движењето на помладите, до 18 години, кои што се најчестите преносители на болеста, рече Филипче.

Потенцира дека се размислува и за зголемување на времетрањето на полицискиот час во текот на вечерта.

-Нешто што ќе важи особено за викенд кога луѓето се чувствуваат посебно раздвижени и тука да има посебни рестрикции или да се зголеми времетраењето, исто како што тоа го направија околните земји, рече Филипче, потенцирајќи дека многу е важна координацијата на институциите на терен.