4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Потребно е прогласување на кризна состојба и воведување антикризни мерки за бизнисот

Она што страда е здравјето на граѓаните, но и еден значаен сегмент од стопанството, рече на денешната прес-конференција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој додаде дека здравјето е пред сè и нема цена, но мора да се поведе сметка и за македонската економија.

Како што кажа тој забележани се низа пропусти, недоследности и неподготвеност на владините структури и надлежните институции во справувањето со последиците од коронавирусот, но истакна и дека нема да навлегува во детали само за политички поени.

Според Мицкоски, она што е неопходно и нужно во периодов е носење на сет на антикризни мерки за здравјето на граѓаните.

Така, ВМРО-ДПМНЕ предлага на владата веднаш да прогласи кризна состојба на цела територија на државата.

„Тоа значи дека предлагаме Владата веднаш да донесе одлука за постоење на кризна состојба соодветно на што ќе ги активира сите законски механизми за разрешување на кризната состојба“, појасни партискиот лидер.

Покрај ова, паритјата предлага и конкретни мерки за справување со економските последици, но и за заштита на здравјето на граѓаните:

– Итна национална набавка на антисептични средства и нивно поставување на јавни прометни места како и овозможување на бесплатна употреба и располагање од граѓаните;

– Државата односно владата да обезбеди бесплатни маски и ракавици за граѓаните;

– Формирање на стручно тело, од посебен тим на експерти, засилено од постојните државни институции кои ќе прават строга контрола на евентуалните злоупотреби на дефинирање на високи цени за продажба на маски, антисептични средства и други превентивни помагала;

„За ова имаме конкретни докази за една веледрогерија блиска до власта, за која доколку институциите не реагираат доказите за нереално високи цени и наплаќање на излезни фактури за маски 40 пати повисоки од влезните ќе ги објавиме во јавност“, порача Мицкоски.

Како четврта мерка, неговата партија предлага обезбедување на бесплатни средства за заштита на работниците под висок ризик од коронавирус;

„Освен здравствените работници, под ризик се и работниците на градилиштата, работниците во јавниот сообраќај, шалтерските работници и редица други професии чија што работа подразбира контакт со лица“, појасни Мицкоски.

Како петта мерка, партијата предлага редуцирање на работата на државната администрација, односно половина од администрацијата да се ослободи од работа и да се направи цикличен распоред во работата на државните органи;

Следната предлог мерка е удвојување на човечките капацитети на работа во здравствените установи непосредно задолжени за справување со последиците од вирусот;

– Oвозможување на отворена 24-часovna линија за консултации и прашања поврзани со вирусот;

– Формирање на посебно државно контролно тело чија единствена задача ќе биде надзор и контрола на примената на превентивните мерки;

– Eднократна парична помош и целосно бесплатно лекување за заболените од вирусот;

Покрај ова Мицкоски за овој месец предложи и сет антикризни мерки за бизнисот и санирање на последиците и штетите од смалениот промет и намалената работка на стопанството:

– Замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот;

– Замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот;

– Државата односно владата да преземе обврска месецов да ги сторнира и плати каматите на граѓаните и стопанството кон банките и заемодавателите;

– Државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот до висина од 50 проценти;

„Тоа се секторите кои што се најмногу погодени како што е туризмот, како што е угостителството, како што се текстилната индустрија, кожарската индустрија и останатите сектори“, појасни Мицкоски.

Како последна мерка, тој предлага да се направи анализа на сето она кое што е погодено од новостанатата ситуација со коронавирусот и врз основа на таа анализа да се детектираат кои се економските оператори, компаниите кои што се погодени и веднаш на истите да им се помогне.

„Ова е подадена рака за помош. ВМРО-ДПМНЕ ја нуди целокупната поддршка и експертска помош преку тимот на доктори кои се дел од нашата комисија за здравство и знаење од областа на економијата за справување на последиците од корона вирусот“, кажа партискиот лидер.